„Спасителот на светот“ или Salvator Mundi, е чест мотив во иконографијата, претставувајќи го Исус со подигната десна рака во благослов, додека во левата држи топка, често украсена со крст (globus cruciger), кој ја симболизира Земјата. Ваков мотив се појавува на слика датирана од крајот на 15-тиот и почетокот на 16-тиот век, на која Исус е во сина ренесансна облека, со карактеристичниот гест со десната рака и проѕирна топка во левата која ги претставува небесата. До сега се идентификувани триесетина верзии и варијации на делото од ученици и следбеници на Леонардо да Винчи, а како негови дефинитивно се водат цртежи направени со креда и мастило од делови од сликата, кои се толкуваат како скици за нешто што имал намера да го работи.
Но дали навистина го сторил тоа? И дали сликата купена од аукција некаде во Њу Орлеанс за 1100 долари во 2005, за која повеќе од петнаесет години се кршеа копјата на експертите за уметност, бизнисмените и политичарите, е навистина негова?
Овој документарец од 2021, под наслов „Загубениот Леонардо“ не дава дефинитивен одговор, од едноставна причина што ова се уште никој не го знае. Но затоа пак приказната за Салвадор мунди - вистинскиот или невистинскиот - станува алатка за влез во свет на големи пари и уште поголеми интереси, поради кои дури и третокласна копија може да биде изложена во престижна институција како оригинал.
Спомнатите се вплеткуваат во мрежа на суети, суми со нули кои не можат да се добројат, политички сојузи и тензии. Дел од интервјуираните експерти изгледаат несигурни како да се под полициски а не филмски рефлектор, други отворено (дури и со преглумување) се потсмеваат на идејата дека сликата е дело на Леонардо. Некој психоаналитичар помеѓу нив би можел да ги детектира и мотивите за заземањето ваква или онаква страна, кои не се секогаш очигледни. Некој сака да биде „во игра“ со одредена тајфа, па и самиот, иако со голема доза на когнитивна предрасуда, се убедува дека она што тие го велат е вистина. Друг е мотивиран само од пари и се занимава не со обезбедување докази, туку со маркетинг на наратив кој му одговара. Трет нема избор, бидејќи му било кажано што да прави „од горе“, од ешалони кои водат дури и до претседателот на државата (во случајов на Франција).
Паралелно, документарецот ја следи патеката на делото – од тајни магацини и слободни зони, до супер-јахтата на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, сегашниот сопственик. Некаде во меѓувреме, таа и изложена во Националната галерија во Лондон како слика на Леонардо, со реки посетители и билети кои се движеле и до 400 евра, а и покрај фактот дека била оштетена е селена низ бројни изложби низ светот, само за да ѝ се зголеми репутацијата и оттаму и цената. На крај овој план на првичните сопственици се исплати - тие ја продаваат на аукција во Кристи за неверојатни 450 милиони долари, во наддавање кое беше пренесувано во живо.
Клучна фигура е реставраторката Дајан Модестини, која на самиот почеток ја реставрирала оштетената слика и која низ процесот (наводно) се уверила дека таа може да биде само на Леонардо. Филмот ја следи и нејзината потрага по заклучоците на Лувр, каде сликата требаше да биде изложена во 2019 по преговори за нејзин заем од бин Салман, но тоа поради мистериозни причини не се случи. Според филмот, Лувр всушност ја признал како дело на Леонардо, но не ја изложил затоа што нејзиниот сопственик сакал да стои до Мона Лиза – услов што музејот го одбил.
И други експерти и натаму го бранат авторството на Леонардо. Тие сметаат дека стилистички, технички и духовно, делото одговара на доцната фаза од неговиот опус, вклучително и мистичната и недофатлива атмосфера карактеристична за Леонардо.
Филмот, покрај уметничката мистерија, покажува и колку скапоцени уметнички дела стануваат симболи на моќ, пари и политички престиж – а не културно наследство достапно за јавноста. Ако „Салватор мунди“ навистина е дело на Леонардо, тогаш неговата сегашна судбина – скриено на суперјахта – е трагична, бидејќи уметнички дела од вакво значење би требало да бидат заштитени како богатство на човештвото, а не да бидат приватни трофеи на милијардери кои себеси се идентификуваат со спасители на светот.
Илина, Букбокс
Претходно на истата тема види во:
„Релативизирање на Да Винчи“ (2017)