Кога њујоршката аукциска куќа Кристи во октомври најави дека ќе ја продава оваа слика на Леонардо Да Винчи - прва новотокриена негова слика после 1909 година - проценките велеа дека е можно да отиде и до 100 милиони долари.
Деновиве постигна цена од неверојатни 450 милиони долари (точно $450.312.500) што е најголемата сума во историјата дадена за некое уметничко дело. Купувачот кој учествуваше преку телефон остана непознат, има муабети дека можно е да се работи за новиот Лувр во Абу Даби.
Постигната сума е повеќе од двојно повисока од досегашниот рекорд, „Жените од Алжир“ на Пикасо која во 2005 постигна цена од 179 милиони долари (досега се продадени вкупно 12 уметнички дела над сто милиони од кои три се на Пикасо).
Тие 450,3 милиони за Да Винчи се уште пофрапантни затоа што не сите се согласуваат околу нејзината автентичност. 500 години старата слика е една од најкопираните негови дела, само неговите директни ученици имаат изработено преку 20 копии на Спасителот. Да Винчи почина во 1519 година оставајќи зад себе помалку од 20 слики.
Наддавањето одело со драматично темпо и биле потребни само 18 минути за од почетните 70 милиони да се стигне до рекордната цифра.
Уметничкиот критичар на Њујорк тајмс Блејк Гопник вели дека прашањето дали сликата е автентична или не ја промашува поентата на ова случување.
„Јас не тврдам дека е ова Да Винчи, а не тврдам ни дека не е Да Винчи. Она што сакам да го кажам е дека е тоа погрешно прашање. Како да прашате дали Месечината е Евреј или Сонцето е геј“.
Реално и не е изненадување што во 2017 година луѓе не можат да се согласат околу нечија автентичност. Пост-вистината ја афектираше и политиката и економијата и националната свест. Се даваат милијарди долари за чудни стартапи иако некоја локална пекара можеби има подобар бизнис модел од нив а политичари негираат очигледни факти само затоа што им се може.
Со други зборови, ако купувачот проценил дека ова дело вреди 450,3 милиони, тогаш тоа дело толку и вреди.