Дополнувањата на Законот за јавна безбедност и ред, усвоени во Берлин ѝ овозможуваат на полицијата на разни начини да пресретнува комуникации на телефоните или компјутерите пред да бидат шифрирани. Дозволено ѝ е да користи малициозен софтвер како што се „државни тројанци“. Кога оваа мерка во одредени околности не може да се спроведе од далечина, нов член во законот дозволува и тајно провалување во домовите и претресување на лични предмети, вклучувајќи сервери, компјутери, лаптопи и телефони.
Сенаторката за внатрешни работи на Берлин, Ирис Шпрангер, го брани законот како „неопходно ажурирање кон дигиталното доба во борбата против тероризмот“, со образложение дека криминалците сè повеќе користат шифрирана комуникација, па детективите „мора да бидат во чекор“.
Согласно германските закони, неопходна е специфична судска наредба за надзор на комуникации и пребарувања преку интернет во случаи ако се утврди закана од терористички акт или „особено сериозно кривично дело“ - од велепредавство и изнуда до бандитска кражба, компјутерска измама, фалсификување и формирање криминални организации.
Оваа одредба се толкува различно низ германските сојузни држави и во некои случаи се применува и на фалсификување или измами со спортско обложување.
Федералниот уставен суд пред неколку месеци критички ги разгледа случаите поврзани со спорниот член и заклучи дека некои прекршоци не биле доволно сериозни за да оправдаат толку грубо кршење на основните права.
Спорна карактеристика на Законот за јавна безбедност и ред (ASOG) е и тоа што полициските службеници сега имаат право да ги активираат камерите на униформата при претрес на приватни домови. Ова претходно беше забрането поради неповредливоста на домот гарантирана со Уставот.
ASOG дозволува и зголемен видео надзор на опасни локации, а новиот Член 28а ѝ дозволува на полицијата да врши биометриско препознавање на лица. Ова ќе овозможи користење на снимки од видео надзор за автоматизирани пребарувања на социјалните мрежи или фото платформи за идентификување на лица. Дозволено е и снимање со дронови.
Опозицијата и граѓански здруженија го критикуваат законот како непропорционален напад врз приватноста. Комесарот за заштита на податоци на Берлин, Мајке Камп, го оцени проширениот видео надзор и легализацијата на малициозен софтвер како „фронтален напад врз дигиталната безбедност на сите граѓани, спротивно на Уставот“.