Ако иднината се електричните коли, лидерот е - Етиопија

Електричните коли полека пуштаат корени во Етиопија, првата земја во светот што забрани увоз на возила со погон на фосилни горива. Потегот беше логичен. Сиромашната земја со 140 милиони жители купува скапа нафта, а има струја и за извоз. Ова се покажа особено полезно откако војната во Иран го запре извозот на гас и нафта и предизвика глобална енергетска криза.

Две години откако Етиопија стана првата земја која целосно забрани увоз на возила со внатрешно согорување, близу 8% од сите коли во земјата се на струја. Тоа ја става сиромашната африканска земја на исто ниво со Европската Унија. Денес, од вкупно 1,2 милиони регистрирани возила, повеќе од 100.000 се електрични. Планот на владата е до 2030 година да има 500.000 коли на струја. 

Министерот за сообраќај Алему Симе ја објасни одлуката од 2024 година со податокот дека Етиопија потрошила околу 4 милијарди евра за увоз на фосилни горива во 2023 и 2024 година, што е голем трошок за една од најсиромашните земји на континентот. Цените на дизелот и нафтата се зголемиле повеќе од трипати од 2022 година.

Струја, од друга страна, има во изобилство. Етиопија е една од ретките земји што 100% од своите енергетски потреби ги задоволува од сопствено производство од обновливи извори. Таа стратегија е зајакната од лани, кога заврши изградбата на Големата ренесансна брана на на Нил – најголема во Африка. Хидроцентралата со капацитет од 5.150 мегавати го дуплира домашното производство на струја и ја прави регионален извозник.

Уште поимпресивно е што изградбата на браната целосно беше финансирана од етиопските граѓани, од домашни обврзници и од дијаспората, без какви било заеми од меѓународни банки.

Покрај забраната за увоз, владата овозможи даночни олеснувања за купување коли на струја, воведе целосно електрични лесен железнички транспорт во градовите и одобри 17 фабрики за склопување на возила на струја со делови од Кина.

За многумина во Етиопија, каде што платите често се помали од 1.000 евра годишно, почетната цена на нов електричен автомобил од 17.000 евра е висока. Но, таксистот Абдурахман Али вели дека не жали за инвестицијата.

Претходно трошев по 40.000-50.000 бири (160-220 евра) за гориво. Откако се префрлив на електричен автомобил и полнам дома, моите месечни трошоци се намалија на најмногу 5.000 бири. Тоа е огромна разлика, објаснува таксистот.

Но, тој додава дека нема доволно станици за полнење. Низ цела Етиопија ги има околу 500 и концентрирани се во главниот град.
Фокусот на властите е да се обнови јавниот превоз, кој опслужува над две третини од патниците. Адис Абеба лани купи сто нови градски автобуси, кои секој ден транспортираат по околу 90.000 луѓе.

Многу се удобни за патување, чисти се и не го загадуваат воздухот. Ова е чекор напред за земјата, вели патникот Зераје Текелу.

2 јуни 2026 - 10:05