2018 ги трансформира односите помеѓу Грција и БЈРМ. Договорот од Преспа, потпишан на 21 јуни, се обидува да го разреши проблемот со името, така што Грција би и го овозможила влезот на БЈРМ во ЕУ и НАТО. По договорот следеше гласање во нивниот парламент на 30 септември за промена на името на земјата во „Северна Македонија“. Директни летови помеѓу двата главни града започнаа на 1 ноември.
Југословенската република Македонија стана независна во 1993 под името „Поранешна југословенска република Македонија“. Грчките влади се противеа на вклучувањето на терминот „Македонија“ во името на земјата. Тие велеа дека граѓаните на БЈРМ се Словени кои зборуваат бугарски дијалект, за разлика од древните Македонци кои биле Грци и зборувале грчки дијалект. Александар Велики никако не можел да биде поврзан со Словените, кои се населиле во регионот во 6 век п.н.е.
Чекорите за надминување на конфликтот наидуваа на отпор во обете земји. БЈРМ неформално се нарекува Македонија, а нејзините граѓани се противат на промена на името. Националистичките чувства се подгреваат со огромен проток на лажни и искривоколчени вести, кои имаат за цел поттикнување меѓусебен гнев и недоверба. Воените барабани одекнуваат, а некои Грци сакаат да ја бранат својата нарушена чест во однос на грабнатото име Македонија, како регионот да е Елена Тројанска.
Но што ако Елена е илузија? Древниот драматург Еврипид развил сценарио според кое „Елени“ никогаш не била во Троја; боговите имале поставено статуа на нејзино место. Познатиот Нобеловец Јоргос Сеферис ја искористил метафората велејќи дека илјадници умреле борејќи се за „празна кошула“.
Метафората е повторно актуелна. Злонамерните богови се во ДНК кодовите на населението. Тоа се вози во кочиите на геномиката, гранка од биологијата чија цел е декодирање на човечкиот геном и неговите варијации. И тие шират митови за древна чистота и директно потекло од славни мажи. Ова е приказната која е нејзин резултат.
Хомо сапиенс ја населил Европа во три мигрантски бранови. Првиот дошол од Африка пред 43.000 години; мажите биле ловци а жените собирачки на растенија. Тие биле постепено раселени или апсорбирани од втора миграција, пред 9.000 години, која дошла од Блискиот Исток. Овие неолитски доселеници биле земјоделци со семејства, кои се споиле со првиот бран.
Пред околу 5000 години, се појавил трет миграционен бран со потекло од Какваз. Веројатно 90 проценти од мигрантите биле мажи, сточари или јавачи на коњи. Тие биле воинствени и се пареле со локалните жени, или со арно или на сила. Главно зборувале индо-европски јазици кои се претопиле во грчкиот, илирскиот, тракискиот, фригијскиот и други. Во Македонија и Епир овие племиња се населиле близу едни до други и склопувале бракови. Според древните историчари (Страбон), голем број жители во 4 век пне биле билингвални.
Филип Втори и неговиот син, Александар Велики, воделе потекло од мешани семејства и исто така се женеле со жени кои не биле Гркинки. Современата БЈРМ била населена главно од Пајонци, кои се чувствувале блиски со Атина и му биле воено потчинети на Филип. Пајонците подоцна станале римски граѓани (иако Пајонец од 5 век пне пишувал на грчки). Освен тоа, границите на ентитетот наречен „Македонија“ низ вековите повеќе пати биле менувани.
Племенските миграции продолжиле во следните 1500 години, носејќи ги Германите, Словените и на крај Турците во Европа. Како и претходните Индо-Европејци, и Словените биле бројни и жестоко војувале, па изгледа дека главно биле мажи. Истражувањето од Полска и од други места сугерира дека Словените се женеле со локални жени, чија женска наследна линија била поврзана со вториот миграциски бран. Така, од една страна, мажите Македонци од 4 век п.н.е. можеби биле некако далечно поврзани со мажите Словени од 6 век п.н.е. Но од друга страна, мајките на обете етнички групи биле главно од Европа од неолитско доба. Жените можеби ја промениле етничката припадност, јазикот и религијата, но митохондриската ДНК укажува на нивното потекло.
Истражувањата се во тек, но постоечките ДНК анализи покажуваат слична дистрибуција на хаплогрупи (генетски групи на луѓе кои споделуваат ист предок или од машка, или од женска страна) во Грција и БЈРМ. Оттаму, може со извесна доза на сигурност да се тврди дека Грците и граѓаните на БЈРМ се поврзани, барем од мајчина страна.
Освен тоа, недостаток на врска е невозможна, дури и од таткова страна. Земјата на почетокот од заедничката ера броела околу 300 милиони луѓе, а денешните 8 милијарди се нивни потомци. Всушност, проценките на тоа кои математички би можел да биде предок, сугерира заеднички предци за цели земји. Оттаму, изгледа генетички невозможно да се направи разлика помеѓу грчките Македонци и граѓаните на БЈРМ.
Оттаму, верувањето дека древна Македонија била ексклузивно грчка е илузија. Во нивните најславни моменти, македонските мажи и жени го делеле просторот со Илири, Пајонци, Тракијци, Келти, Фригијци и други. И сигурно голем дел од нив ги зборувале јазиците на своите соседи и роднини.
Науката го менува дискурсот во врска со Македонија. Дали може двете страни да го искористат тоа за да ги надминат закоравените верувања? Постојат огромен број политички прашања и прашања на животната средина кои мора да бидат решавани заедно. Ако глобалистот Александар беше жив, тој можеби ќе ги советуваше обете страни да ги игнорираат провокациите и празната кошула на расна чистота. Веројатно секој роден во регионот споделува предци со него. Грција и Северна Македонија можат најдобро да му оддадат почит со воспоставување долгорочно сојузништво.
Хелен Абаџи за Екатимерини