Технолошките гиганти последниве години трошат стотици милијарди долари за инфраструктура која сега почнува да ги истиснува „обичните“ уреди од синџирот на снабдување.
Чиповите, меморијата и дисковите што некогаш се земаа здраво за готово одеднаш стануваат скапи и ретки, што значи дека и паметните телефони, лаптопи и други уреди ќе стануваат поскапи.
Аналитичарите предупредуваат дека инфраструктурата со вештачка интелигенција веќе ги задушува синџирите на снабдување, а најновата промена на Нвидиа во изборот на меморија се заканува дополнително да ги зголеми цените и потенцијалниот недостиг на уредите што ги користиме секојдневно.
Центрите за податоци со вештачка интелигенција што ги градат Гугл, Микрософт или Алибаба не се „само уште еден ИТ проект“, туку огромни индустриски постројки што трошат електрична енергија, опрема и пари.
Тоа се инвестиции вредни стотици милијарди долари, сложени системи што се потпираат на специјализирани единици за графичка обработка (GPU) и огромни количини меморија и складирање.
Истиот овој синџир на снабдување го „храни“ и остатокот од технолошкиот екосистем. Истите производители снабдуваат чипови за сервери со вештачка интелигенција и за „обични“ уреди како што се паметни телефони, персонални компјутери, конзоли, паметни телевизори. Кога сегментот на вештачка интелигенција ќе експлодира, а веќе експлодира, потрошувачката електроника автоматски останува на второ место.
Извршниот директор на Алибаба, Еди Ву, потврдува дека проблемот не е теоретски. Неговата компанија истовремено дизајнира свои чипови и гради инфраструктура за вештачка интелигенција, па од прва рака гледа каде системот се распаѓа. Тесното грло повеќе не се случува на една алка, туку низ поголем дел од синџирот.
Ако постои една компонента што станала „клучна суровина“ на дигиталната економија, тоа е меморијата. Поточно, DRAM, работната меморија што е вградена во скоро секој уред, и нејзината најнапредна варијанта, HBM (меморија со висок пропусен опсег). Се очекува цените на меморијата да се зголемат за околу 30 проценти во четвртиот квартал од оваа година, а да додадат уште 20 проценти до почетокот на 2026 година. Во индустрија каде што дури и мала промена во односот понуда-побарувачка прави голема штета, ова е тектонско поместување, пишува Јозо Кнез.
Главен играч на сцената е Нвидиа која практично е синоним за ВИ чипови и е еден од најголемите купувачи на HBM меморија во светот. Аналитичарите се загрижени за нејзиното преминување кон LPDDR меморија, технологија со ниска потрошувачка на енергија со двојна брзина на податоци. Таа е енергетски поефикасна од класичната DDR меморија, поради што стана стандард кај врвните паметни телефони, таблети, тенки и лесни лаптопи. Тоа е она што го прави вашиот уред да работи поладно и батеријата да трае подолго.
Nvidia сега сè повеќе ја вклучува најновата генерација на LPDDR во своите производи, истата онаа што им е потребна на Епл, Самсунг и другите производители на премиум потрошувачка електроника.
Не дека ќе нема за сите. Ќе има за сите, ама, ќе биде поскапо.