За светско културно наследство прогласени се 17 дела на овој швајцарско- француски архитект. Ги има во седум земји во светов, 10 од нив се во Франција. Меѓу заштитените дела се и неговата прочуена зграда во Марсеј, вилата Савоја, доминиканскиот манастир во Турет како и Чандигар во Индија, првиот плански изграден град во таа земја.
Унеско му ја даде оваа чест оценувајќи ги неговите дела како "нов архитектонски јазик кој раскина со минатото".
Корбизије има работено и на урбанистичкиот план на Богота, на станбени комплекси, музеи, катедрали. павиљони, министерства (целата листа тука) а бил консултант и за зградата на ООН но е поразен од концептот на Бразилецот Оскар Нимејер.
Во 1934 година предава во Рим на покана од Бенито Мусолини. Во 1940 година станува главен урбанист во колаборационистичката Вишиевска Франција но откако некои негови предлози биле одбиени, се повлекува од политиката.
"Aрхитектура или револуција" е неговиот најпознат слоган кој произлегува од уверувањето дека индустријализираната архитектура е единствен начин да се избегнат класните револуции. Неговите аргументи за тоа се сместени во делото "Кон архитектурата" а вилата во Савоја се смета за најчисто изведување на неговиот концепт. Во дизајнерска смисла, Корбизије доста се потпира на математичките пресметки на Да Винчи (како што е 'златниот размер') и сериите на Фибоначи.
Она што е изградено во Скопје по земјотресот во голем дел е инспирирано од неговиот модернизам (натур бетон на тони, згради како цивилни касарни.... ), а на македонскиот интернет ќе најдете и дека всушност Корбизије бил инспириран од македонската архитектура. Да не се појавеше стиропорниот барок, тој стил уште долго ќе беше главниот виновник за урбанистичката нешармантност на нашиот главен град.
Иако едно време беа пријатели, по смртта на Корбизије Салвадор Дали кажа дека тој ги остави "најгрдите и најнеприфатливите зданија во светот". Неговата оценка за Корбизије како човек беше уште побрутална ("Неговата смрт ме исполни со радост. Тоа беше мизерна креатура која работеше со армиран бетон"), па сепак остави цвеќе на гробот на некогашниот пријател велејќи "Не го сакав, ама, јас сум човек кукавица."
Види и: