Доаѓа нафтена криза

Трамп помина три месеци во обиди да го натера, да го поткупи или да го бомбардира Иран за да го отвори Ормускиот проток, кој практично самиот го затвори со безумното објавување војна. Непријатната реалност е дека алатките што сега ги има на располагање или се премногу бавни за да бидат важни, или се премногу скапи за да се употребат или веќе се испробани и неуспешни.

Теснецот низ кој поминуваше една петтина од глобалниот извоз на нафта ефикасно е затворен од крајот на февруари, кога САД и Израел му објавија војна на Иран. Новата одлука на Техеран да се повлече од преговорите и целосно да го затвори Ормускиот проток го остава Доналд Трамп соочен со проблем за кој нема брзо решение.

Доаѓа нафтена криза и Трамп знае дека не може многу да направи за да ја спречи, да ја поправи или да ја заврши во догледно време.

Единствената алатка што му помогна на Трамп да спречи огромна ценовна катастрофа се Стратешките резерви на нафта на САД, кои се празнат побрзо од кога било досега во историјата. Во неделата заклучно со 15 мај од резервите биле ослободени 9,92 милиони барели, со што е соборен рекордот од претходната недела. За половина месец вкупните залихи на сурова нафта во САД се намалија за 17,8 милиони барели, и се спуштија на најниско ниво по јули 2024 година. Аналитичарите што ги следат бројките предупредуваат дека дното е поблиску отколку што повеќето луѓе сфаќаат.

Детални проценки покажуваат дека со сегашните стапки на црпење, критичните прагови од 252 милиони барели, што е законски минимум, и од 150 милиони барели што е геолошко дно под кое резервите не можат ефикасно да се искористат, би можеле да се достигнат во рок од три до пет месеци.

Откако резервата ќе се потроши, пазарот ја губи флексибилноста и со ништо нема да може да ги амортизира понатамошните нарушувања.
Подлабокиот проблем е што дури и ова рекордно намалување не е доволно големо за да го поправи реалниот недостиг од 15 до 18 милиони барели дневно.

Инстинктивниот одговор на недостигот на нафта е да се произведува повеќе домашна нафта, а САД се најголемиот производител на нафта во светот.

Но, американското производство не може да се отвора и затвора како славина, а нафтата не е од типот што ѝ е потребен на земјата. Американските рафинерии се конфигурирани за специфични видови потешка, кисела сурова нафта што доаѓа од Персискиот Залив и слични извори, а не лесната, слатка сурова нафта што се црпи од полињата со шкрилци.

За изградба на нови рафинерии потребни се инвестиции од милијарди долари и години изградба. Во САД не била изградена нова рафинерија со децении наназад. 

Дури и ако се остави настрана несовпаѓањето, за доставување значајни количества од шкрилци потребни се вложувања, мобилизација на платформи и дупчења, процеси за кои треба месеци и години, а не недели.

Нафтените компании се воздржуваат од ризични инвестиции во криза што би можела да заврши утре. Кога пазарот се обложува дека цените ќе се намалат, ниеден рационален производител не вложува милијарди во повеќегодишна програма за дупчење заснована на високи цени, кои можат да паднат во моментот кога ќе се потпише прекин на огнот.

2 јуни 2026 - 15:06