Неодамна објавените резултати од редовната годишна анкета спроведена во 57 земји за степенот на религозност по народи - Gallup International Religiosity and Atheism Index – донесоа неколку изненадувањa вредни за внимание. На пример се покажа дека во последно време религиозноста на Србите се наоѓа далеку над светскиот просек. Дури 77% од српските испитаници, имено, потврдиле дека себеси се сметаат за религиозни, додека глобалната статистика застанува на ситни 59%. И како тоа да не е доволно, испитувањето исто така покажало дека бројката на верници во Србија последниве години постојано се зголемувала, додека истата бројка во истиот преиод, глобално, била во постојан пад.
Со толку високи резултати Србија лесно се искачи на некогаш незамисливото, завидно петто место според религиозност помеѓу европските држави.
Но, далеку поголемо изненадување приреди Република Македонија која со импресивни 90% религиозни испитаници се востоличи како нова најрелигиозна земја на Европа. Веднаш зад неа се наоѓа Романија (89%), следат Молдавија (83%) и Полска (81%). Србија е на споменатото петто место, а дури на шестото е лулката на католицизмот, Италија, додека на црквата традиционално приврзаната Хрватска во објавените резултати на оваа анкета воопшто не се спомнува.
Скептиците помеѓу верските аналитичари сметаат дека добиените одговори се подложни на различни интерпретации на религиозноста во различни општества и култури па, согласно тоа, тие треба да се примат со поприлична доза резерва.
Навистина, во овој случај претпазливоста има смисла. Не знам многу за Полска, Модавија, па ни за Романија, но во Македонија веќе долго функционира еден вид пренападна и индискретна, манифестна религиозност неодвоива од етничкиот и националниот идентитет, која, како што е можно, вон тоа неуморно изразување и постојано кочоперење всушност и не постои. Таа „религиозност" е од таква природа што воопшто не бара „верување", па дури ни доследно почитување на правилата кои ги наложува верата. Кому му е гајле за тие ситници! Во неа е важно, најважно, да се истакнува бучното, видното, кога и да е, каде и да е. Таа е честа појава кај народи осудени на хронични идентитетски болки, а во таа неформална но шаренолика група Македонците секако заземаат истакната позиција.
Уште од (случајното) стекнување независност па сè до денешни дни, оваа мала, убава и сиромашна земја се наоѓа во една грчевита потрага по сопствениот многустрано оспоруван идентитет. Во тој грч, баш сè што изгледа дека би можело дополнително да го утврди или да го надогради македонскиот идентитетски образец во формирање, се присвојува навидум без никакви дилеми, колку и да е небулозно. А сето тоа грижливо впишано во фамозниот архитектонско-споменичен проект кој последниве години се создава на бреговите на Вардар, во таа митологизирачка папазјанија и експлозија на најчист псевдоисториски кич, еден вистински дизниленд на македонштината, под несразмерно скромен назив „Скопје 2014".
Речиси лудачката импозантност на овој државен проект укажува на трогателната свест дека без таа споменична и монументална архитектура на искажаниот државотворен крик, проблематичниот аргумент кој треба секогаш одново да се докажува - аргументот за далечната историја втемелена во македонскиот идентитет - едноставно не би бил доволно впечатлив. Понекогаш едноставно мора да се удри со тупаница по маса.
Важен дел од македонскиот идентитет - постојано загрозуван од сите страни, од надвор еднакво како и од внатре - претставува природно и (македонското) православие. Оттаму всушност воопшто не треба да чуди што на овој бран чисто мегаломански и прескап градителски знаес му претходеше подигањето на огромниот Милениумски крст на Водно. Од 2002. овој импозантен крст од челик со висина од цели 66 метри, поставен на четири десетметарски бетонски столбови, служи како крунски доказ дека идентитетските болки не се шега, и дека работите во Македонија во меѓувреме навистина станале сериозни.
Воедно, тој мега-производ на една всушност застрашувачка експресивност на непризнаената Македонска православна црква денес е главна туристичка атракција на градот. Мегаломанијата е неизоставно привлечна а овој крст, велат, може да се види од далечина од 30 километри. Во неговото подножје се наоѓаат продавници за сувенири и ресторан, а од неодамна до него води и модерна жичарница.
Фактот што на овој крст со мамутски димензии му се припишуваат огромна моќ и влијание не би требало никого да го чуди. Проминентен и незаобиколив од сите страни, тој претставува прст во око на цела третина граѓани на Македонија од муслиманска вероисповед, но и на сите оние кои за миг помислиле дека оваа земја би можела да се определи за еден побалансиран однос кон сопствената стварност, минато и иднина. Со тоа, како неисцрпен извор на инспирација за сите оние (а такви во нашиот регион има прилично) на кои верата и нејзините симболи им служат единствено за расфрлање пред неразумните соседи кои со векови упорно веруваат во нешто друго, тој воедно најави и вистинска наезда на регионални натпревари во подигање на монументални верски споменици. На сите тие регионални „крстови од инат“. Тој му претходеше, така, на кревањето на крстот од 33 метри на ридот Хум над Мостар кој тука го поставија соседите Хрвати, пред сè за со неговата појава секојдневно да ги иритира соседите Бошњаци, што овој „голем плус за БиХ" (рече Мујо) веќе неколку години успешно го прави.
Не треба да се заборави и на оној седум метри висок метален крст кои косовските Срби го подигнаа среде магистралниот пат Косовска Митровица-Рашка, во местото Рударе, за потоа да го обвинуваат секого кого ќе го допре за нецивилизациско однесување, а тој, иако по своите димензии секако не може ни да му се приближи на Милениумскиот крст, по својата суштинска бедност на намерата секако - може. Вистинската страст за поставување крстови по Србија последниве години, вистина, не е последица на оваа желба за истакнување на сопствените верски убедувања и симболи наспроти соседските колку во поттикнувањето на еден сложен внатрешен српски дијалог по прашањето на националниот идентитет и враќањето во (поубавата) иднина. Фактот дека сјајно белиот Ѓурѓовденски крст со висина од 16 метри, кој се наоѓа на влезот во Крагуевац од правец на коридорот 10 во претежно српската Шумадија, е подигнат блиску другите опиуми за народ, како кеш'н кери мегастор-от Метро или нешто поодалечениот крагуевачки Рода центар, уверливо сведочи за кич намерите на оние кои тука го поставиле, а слична намена во Хрватска би требало да врши осуетената визија на големиот сплитски визионер и градител Жељко Керум, на Марјан крај Сплит да подигне гигантска статуа на Исус која со административни заврзлами тажно се преобрази во крстче со висина од 21,6 метри кое уште не е поставено, а кога ќе биде, не се знае.
Тој Керумов несуден марјански Исус е само еден од плејадата сјајни, често фантастични проекти низ целиот регион кој тажно не се оствариле, запирајќи пред фазата на реализација под сопствената тежина. Затоа на самиот крај да го споменеме оној никогаш неизграден но сепак толку прерасно замислен 80-метарски крст на ридот Виник крај Ниш - највисок во Европа! - опкружен со лукаво замислен комплекс кој би требало да опфаќа отворен амфитеатар, луксузен хотел, музеј, кино, простран паркинг, забавен парк и многу други примамливи и прек сè лукративни содржини. Како и оној крст-монструм кој е виден од врвот Мучањ, нависокиот врв на Златибор, а се издига во небесни висини со своите планирани (или исфантазирани, сеедно) речиси незамисливи три стотини триесет и три метри (333!!!) и проектирана цена од ситни 20 милиони евра.
Излегува, меѓутоа, иако никогаш на (западниот) Балкан не недостасувала мегаломанија, дека и не е толку лесно како што се мисли да се претркаат Македонците. Имено, единствено тие својот крст од 66 метра го имаат подигнато без кукање. Па и без многу мака, како што изгледа. На тоа треба да се гледа со почит. Денес, 2012. година, овој најрелигиозен народ во Европа живее под сенката на најголемиот крст на Балканот. Веројатно во сето тоа има и некаква правда.
Автор: Владимир Арсенијевиќ
Извор: е-novine