Букбокс гледанка: „Блу мун“ - филм за заборавениот бродвејски гениј

Овој текст може да почне во стилот на првите сцени од филмот „Амадеус“, кога Салиери на свештеникот кој е дојден за исповед му свири делови од свои композиции. Овој не ги препознава. Но кога ќе му ја засвири „Мала ноќна музика“, свештеникот веднаш почнува да ја м'мка мелодијата, иако не го знае нејзиниот автор. Во сличен клуч, ако некој ви ги спомне My Funny Valentine, The Lady Is a Tramp или Blue Moon, треба да сте растени под камен за да не сте слушнале ниедна од нивните илјадници верзии. Па сепак, ретко кој знае кој е автор на нивните стихови. 

Лоренц Харт бил роден во Њујорк, во еврејско семејство со германски корени. Од мајчина страна бил пра-правнук на германскиот поет Хајнрих Хајне. Учел во приватни училишта и некое време студирал новинарство. Во 1919, пријател го запознал со Ричард Роџерс, композитор кој работел пред се' во театарот. Тие двајца стануваат ненадминлив тандем, со музика и стихови за 26 хит бродвејски мјузикли во тек на нивното 20-годишно пријателство, до смртта на Харт. 

Но тагата која се провлекува низ стиховите на Хартовите балади била карактеристика и на неговиот живот. Сметал дека е премногу грд за да биде сакан, а тој пак сакал многумина, и мажи и жени. Дури и под површината на песни кои се весели и смешни, полни со луцидни игри на зборови, лежи една забележлива ранливост. 

Нов филм во режија на Ричард Линклејтер под наслов „Блу мун“, со Итан Хок во главната улога, се однесува токму на ова - се случува во една тивка, трагична вечер кон крајот од животот на Харт. Во барот Сардис се очекува забава по повод премиерата на мјузиклот „Оклахома!“ (извичникот е битен), од која Харт демонстративно излегува, наводно изнервиран од кичестите композиции, но многу поверојатно поради љубомора. Имено, тоа е прва соработка меѓу Ричард Роџерс и Оскар Хамерстајн II, што со драматична иронија ја најавува иднината: Харт не само што со ова станува социјално „мртов“ поради своето неодговорно однесување и алкохолизам, туку ја најавува и неговата реална смрт. Ќе умре неколку месеци подоцна, а Роџерс и Хамерстајн ќе продолжат да работат заедно и засекогаш ќе го променат американскиот мјузикл.

Филмот не претендира на историска точност: Линклејтер и сценаристот Каплоу објаснуваат дека вечерта е „измислена“. Познато е дека Харт бил на премиерата, но веројатно не и на забавата – па дури е сомнително дали забавата воопшто била во Сардис. Филмот, всушност, е снимен на сет во Ирска.

Идејата за приказната Каплоу ја носел со децении. Во 1970-тите слушал долго интервју со Роџерс во кој го погодила неговата студена, пресметлива дистанца кога зборувал за разделбата со Харт. Односот Роџерс–Харт е централна оска во филмот, но Харт низ вечерта се среќава и со други личности: писателот Е. Б. Вајт, кој му служи како соговорник за пишувањето; младиот Стивен Сондхајм, кој како ученик на Хамерстајн го омаловажува Харт, како што навистина и правел; и Елизабет, инспирирана од вистинска жена од која Каплоу нашол писма потпишани со „Елизабет Виланд“. Харт почнува како нејзин ментор, но со време паѓа во ирационална и невозможна љубов кон неа.

Откако Линклејтер слушнал за проектот, веднаш се заинтересирал – одлично ги познавал делата на Роџерс и Харт. Хоук, кој со Линклејтер до сега има соработувано многу пати, знаел дека режисерот сака да направи ваков филм уште од времето кога го пишувале „Пред зајдисонце“ и постојано слушале песни на Елa Фицџералд со текстови на Харт.

За да го изгради ликот, Хоук не сакал протетика или перика, па ја избричил главата и работел со актерот и изумител Латам Гејнс за да може да ја реконструира висината на Харт, кој бил понизок за цели 25 сантиметри. За да биде прикажан како понизок користени се трикови со камера, но и вдлабнувања во сетот (на пример за барската столица на која седи поголемиот дел од филмот). Резултатот е една навистина впечатлива улога, за која веројатно Хоук ќе биде номиниран за големите филмски признанија. 

Иако е некој вид биографија на еден човек, филмот зборува за универзални состојби на сите уметници што имале болни креативни разделби или се соочиле со сознанието дека еден ден едноставно нема да можат да создаваат. Како што вели Линклејтер, ниту еден уметник не мисли дека има „рок на траење“ – но приказната на Харт го потсетува токму на тоа.

Илина, Букбокс

2 декември 2025 - 09:20