Хендрик Кристијан Андерсен (1872-1940), норвешко-американски вајар, сликар и урбан планер. Во детството емигрирал со семејството во САД, каде како момче започнал да се меша со елитата, работејќи како тутор за уметност на славната колекционерка Гертруда Вандербилт Витни, основач на Музејот на американска уметност Витни во Њујорк. Во 1893 отпатувал за Европа и се лоцирал во Рим, каде се вмрежил со други уметници и бројни (повторно богати) мецени од американската дијаспора.
Ернест Ебрар (1875-1933), француски архитект, археолог и урбан планер, кој додека студирал на високата уметничка школа во Париз добил стипендија за престој во Француската академија во Рим, лоцирана во вилата Медичи. Како свој проект одбрал да ја проучува Диоклецијановата палата во Сплит, што резултирало со монографија која и денес се смета за најточна претстава на оригиналниот изглед на оваа Палата.
Токму тука, во Рим, на почетокот на 20 век, започнала соработката помеѓу овие двајца, во период кога европскиот урбанизам сè повеќе го замислувал градот не само како инфраструктура, туку и како алатка за морална, политичка и цивилизациска трансформација. Андерсен во тоа време веќе имал развиено грандиозни утописки идеи за создавање универзален град посветен на мирот и човечкиот напредок. Ебрар ги внел архитектонското и урбанистичкото знаење во овие амбиции. Нивната соработка резултирала со монументалниот проект „Создавање на Светски центар на комуникацијата“ (Creation of a World Centre of Communication), магнум опус од книга, која кога била објавена во 1913 тежела повеќе од 4.5 килограми.

Проектот Светски центар не бил замислен едноставно како град, туку како глобален центар на човештвото - физичка концентрација на интелектуалниот, уметничкиот, научниот и политичкиот живот, чија цел била преку комуникацијата и заедничкиот напредок да се намалат конфликтите. Тој предвидувал високо организирана урбана композиција заснована врз монументални оски, симетрија и внимателно одделени функционални зони. Вклучувал олимписки сектор, наменет за развој на телото преку спорт и колективни активности; уметнички сектор со музеи, академии, театри, библиотеки и монументални простори посветени на културата; како и научен сектор во кој би биле сместени институции посветени на истражувањето, меѓународната соработка, религијата и правдата. Во симболичкиот центар се наоѓале монументални структури како Фонтаната на животот и Кулата на прогресот, замислени не само како архитектонски објекти, туку и како идеолошки симболи на цивилизацијата и напредокот. Самата комуникација била сфатена како механизам што треба да го обедини човештвото.
Проектот припаѓал на поширокиот бран на утописки урбанизам, покажувајќи сродности со идеите на северноамериканското движење City Beautiful и тогашните визии за интернационализам. Во неговата основа лежело уверувањето дека општествената хармонија може да се произведе просторно: преку организирање на движењето, погледите, јавниот простор и монументалната симболика, урбаната форма може да го обликува граѓанското однесување и колективната свест. Во оваа концепција, градот имал педагошка функција - да ги „учи“ граѓаните како да припаѓаат на еден поширок општествен поредок.
Иако Светскиот центар никогаш не бил реализиран, неколку негови принципи можат да се препознаат во подоцнежниот план на Ебрар за Солун по Големиот пожар од 1917 година. Пожарот уништил голем дел од градското јадро и создал ретка можност за голема урбанистичка интервенција, што на властите им погодувало на повеќе начини - меѓу другото за да го сменат дотогаш мултикултурниот профил на градот кој вклучувал еврејско, муслиманско, словенско и друго население, грцизирајќи го. Како раководител на комисијата за реконструкција, Ебрар предложил план што радикално се разликувал од густата и неправилна османлиска урбана структура. Наместо тоа, вовел широки булевари, визуелни оски, монументални плоштади, хиерархиска организација на просторот и внимателно осмислени визури кои ги поврзувале морето, спомениците и пејзажот на Горниот град (да, Солун има Кале - следен пат само кренете го погледот кон ридот спротивно од морето).
Најочигледниот континуитет помеѓу Светскиот центар и Солун се согледува во употребата на монументални оски. Плоштадот Аристотел и неговото продолжување кон внатрешноста не било замислено само како функционален комуникациски простор, туку како низа од театрални урбани секвенци: од морето, погледот се движи нагоре кон византиските ѕидини и историски значајните објекти. Градот станува сцена на контролирана видливост и симболичко значење. Оваа логика силно потсетува на потпирањето на Светскиот центар врз осовински композиции и монументалност за создавање граѓанско искуство.
Друг важен континуитет е идеолошката употреба на наследството. Во Солун, Ебрар не ги зачувал само преживеаните византиски споменици; тој го реорганизирал урбаниот простор околу нив, претворајќи ги во фокусни точки на новоконструиран наратив за грчки и византиски континуитет. Така, планот комбинирал модерно урбанистичко планирање со селективна историзација. Ова се разликува од универзализмот на утопискиот проект на Андерсен, но користи слични механизми: архитектурата и урбаната форма стануваат средства за создавање идентитет.
Сепак, постојат и значајни разлики. Светскиот центар бил експлицитно транснационален и утописки проект - наменет за целото човештво и одвоен од конкретни национални контексти. Солун, пак, станал дел од проект на национално градење. Ебрар го приспособил монументалниот јазик развиен во претходните визионерски проекти кон конкретен политички контекст: постосманлиски, постпожарен и сè повеќе национализиран урбан простор. Во таа смисла, Солун може да се чита како прагматичен превод на утописките принципи на планирање во реалноста на државотворните процеси во дваесеттиот век.