Афоризмот не е мртов!

Во светот на афоризмите најпознатите фрази веќе делуваат излитено, како „Една слика-илјада зборови“, или „Подобро да го научиш човек да лови отколку да му дадеш риба“. Но тие сепак не се само историски реликти. Луѓето и денес измислуваат нови, и иако не потекнуваат од Конфучие или од Емили Дикинсон (на кои често лажно им се припишуваат) знаат да звучат мудро и препознатливо. Тие се згодни затоа што често успеваат во неколку зборови да кажат нешто длабоко за современото човечко искуство. 

Џејмс Гири во својата книга „Светот во една фраза: кратка историја на афоризмот“, чие второ издание излезе неодамна, вели дека афоризмот е на некој начин идеален за дигиталната ера: најстариот литературен жанр ја пронаоѓа својата идеална форма во модерните, кратки форми на комуникација.

Авторот се опишува себеси како „зависник од афоризми“. Неговата опсесија започнала кога како осумгодишно дете ја читал рубриката „Згодни цитати“ во списанието Ридерс дајџест. Го фасцинирале досетките, парадоксите и необичните јазични пресврти, а особено тоа што во толку кратка реченица може да се смести толку многу значење. Кога имал околу тринаесет години, почнал да ги собира. Кога пред неколку години бил отпуштен од работа поради кратења на работни места во медиумите, прво почувствувал паника, но веднаш се сетил на мислата од шведскиот поет и афористичар Вилхелм Екелунд: „Добро е да бидеш поставен на нестабилна почва, затоа што само тогаш учиш да стоиш на свои нозе.“ Како и секој афоризам, и овој не му го решил проблемот, но му овозможил самодоверба и потсетување дека може да се справи со ситуацијата.

Во книгата има голем избор од неговата колекција, од антички времиња до денес, заедно со објаснувања за нивното значење и потекло. И додека класиците си ја вршат работата, современите афоризми ни помагаат да ги разбереме турбуленциите на животот во 2025 година.

Еден од нив е „Купувам, значи постојам“, дело на американската уметница Барбара Кругер, родена во 1945 година. Таа често поставува смели зборови врз црно-бели фотографии, користејќи јазик и форма на рекламирање, но преточувајќи ги во пораки за критичко размислување. Афоризмот се појавил во повеќе варијанти од 1987 година наваму врз фотографија на рака што држи визит-карта и претставува игра со онаа на Декарт „Мислам, значи постојам“. Неговата актуелност денес е дури поголема: во економија на внимание и во свет каде идентитетот се гради преку онлајн потрошувачка, како знам дека постојам? Па — затоа што щтотуку купив нешто.

Друг пример е афоризмот на Дејвид Брн, „Возрасните мислат со отворена уста“, напишан во белешките за албумот на Токинг хедс од 1984, Stop Making Sense. Фразата може да значи дека човек стои со подотворена уста додека се обидува да ја состави мислата, но исто така укажува и на тоа дека луѓето често зборуваат пред да размислат — нешто особено забележливо во ерата на социјалните мрежи. Брн некогаш рече дека неговите текстови не значат ништо „ако се обидеш да ги дешифрираш“, но афоризмите се спротивното: тие бараат од нас да размислиме и тогаш откриваме нови, подлабоки слоеви на значење.

Трет значаен афоризам кој иако не е толку модерен звучи сосема современо, е изјавата на Џејмс Болдвин: „Незнаењето, здружено со моќта, е најжестокиот непријател на правдата.“ Ова го напишал во 1972 година во „Улица без ниту едно име“, но денес, кога експертизата, знаењето, фактите и новинарството се под голем напад, афоризмот одекнува со особена сила.

Уште еден современ афоризам доаѓа од роботизираната фигура Фортуна, дел од инсталацијата „Fortuna and the Immortality Garden (Machine)“ на Кера Вокер во музејот за современа уметност во Сан Франциско. Фигурата, висока околу два метри, им дава на посетителите испечатени пораки како: „Животот е провалија во која свесно и радосно се фрламе.“ Ова укажува на радикално прифаќање на неизвесноста, но и на процесот на творење.

И на крај, еден афоризам кој не е од Гири туку по негово барање генериран од Четџипити: „Не мешај движење со напредок, ниту тишина со неуспех.“ За него Гири се согласува дека е разумен совет. Но тој не гледа опасност ВИ да почне да пишува подобри афоризми од човекот, бидејќи човечкото искуство (засега) е сепак незаменливо. 

3 декември 2025 - 13:18