„Списоците стојат во основата на сета култура", има изјавено Умберто Еко. Тој во 2009 минал долго време во Лувр каде се занимавал со феноменот на каталогизирањето, подредувањето и собирањето. Според него, западниот ум е предодреден за тоа да биде енциклопедиски, односно да прави листи на сè и сешто - од флора и фауна, до „10 работи кои ги усреќуваат жените". Во интервју за Шпигел по повод книгата која произлегла од овој негов студиски престој во Париз, „Бесконечноста на списоците" тој вели:
„Кутурата се обидува да ја претвори бесконечноста во нешто разбирливо. Сака да создава ред - не секогаш, но често. Како едно човечко суштество се соочува со бесконечноста? Како се обидува да го сфати она што не може да биде разбрано? Преку листи, каталози, колекции, преку енциклопедии и речници. Од тоа со колку жени спиел Дон Џовани, до сосема практични списоци - такви за купување, тестаментални, менија во ресторани - кои се самите по себе културолошки достигнувања. Сакаме листи затоа што не сакаме да умреме"
Многу порано од него, Сузан Сонтаг во нејзиниот дневник од 9 август 1967, има забележано:
„Забележувам вредност, доделувам вредност, создавам вредност, дури и создавам - или гарантирам - постоење. Оттаму мојата опсесија со листите. Работите (музиката на Бетовен, филмови, бизнис фирми) не постојат освен доколку јас не го означам мојот интерес за нив, во најмала рака забележувајќи ги на хартија нивните имиња"
Десет години подоцна таа создава листа на нејзините омилени и омразени нешта, која повеќе личи на „список-река" (по асоцијација на слободниот жанр на роман-река):
„Работи кои ги сакам: огнови, Венеција, текила, зајдисонца, бебиња, неми филмови, необработена сол, шапки-цилиндри, големи кучиња со долго влакно, модели на бродови, цимет, џепни часовници, мирисот на свежо косена трева, ткаенина, Бах, мебелот на Луј 13ти, суши, микроскопи, големи простории, висини, чизми, вода за пиење, бомбони од јаворов сируп.
Работи кои не ги сакам: да спијам сама во стан, студено време, парови, фудбалски натпревари, пливање, инчуни, мустаќи, мачки, чадори, да ме фотографираат, вкус на ликорис, миење коса (или да ми ја мијат), носење рачен часовник, предавање, пури, пишување писма, туширање, Роберт Фрост, германска храна".
Кои се вашите списоци? Еве еден мој, од пред неколку години, со тенденција да еволуира:
ЧУДНИ ПОПИСИ
Работи кои не може а да не ги сториш
да не нарачаш петто пиво откако си испил четири; да не ја сфатиш погрешно реченицата „не ме сфаќај погрешно, ама.."; два дена да не ги миеш садовите, демек како воспитна мерка; да не офнеш кога некој силно ќе те штипне; да не ти е мило кога некој те фали; да не тргнеш влакно од нечија храна; да не помислиш „у курац" кога ќе видиш некролог од дете. да го издржиш она што не можеш да го промениш и, за да преживееш, да го препознаеш она што можеш.
Работи кои нервираат, ама не многу
кога твојот ред во банка се движи побавно од сите други; кога ќе облечеш нешто наопаку; кога било притиснато на CapsLock (или треба да префрлиш на кирилица); што никаде не се наоѓаат женски чевли број 41, а подоцна на распродажба се останати само од тој број; кога некој интересен филм постојано го фаќаш од пола; кога помеѓу сите можни шампони во продавницата се потрошил баш твојот; кога сред презентација ќе ти откаже видео бимот; кога некому ќе му кажеш дека нешто „мора" а тој ти одговара со „се мора само едно"; кога ДВД-то сецка сред порнич; кога ќе ти избега мисла; кога очекуваш мејл а тој отишол во спам; кога детето нејќе да ти заспие а ти паѓаш од умор; кога таман си се стуткал во топлиот кревет почнува да ти се моча; кога си на глуп состанок а надвор пука сонце. кога некој постојано ти вели „ај ќе се видиме" а тебе ти иде да речеш „е добро де, КОГА?"
Работи кои не смрдат, но и не мирисаат добро
банкнота од илјада денари, кога ќе излезе од банкоматот; лубрикант на чија етикета пишува „гарантирано без вкус и мирис"; велосипед цела зима чуван во подрум; небањато дете, ама твое; купачи носени во базен, после три дена; рацете откако си лупел компир; она за полирање пластика во кола; стог сено среде поле; парфем кој си го добил на подарок од некој што не те знае добро; дупче од цигара на волнен џемпер; топол здив од крава; лифт во државна институција; ретко отварана книга, само за референца; автомобил оставен на +40, под сенка; каталози за козметика со опција „изгреби и помирисај" со помешана арома на печатарска боја и млеко за тело; нечии најдобри намери и наивни лаги.
Работи што се тркалаат
сонцето, од пладне до полноќ; тинејџерки на ролерки на кеј лете; ти, во тревата, кога си весел; портокал испаднат од ќеса во гепек; сизифовиот камен; количката на скалите во „Подморницата Потемкин"; нечија отсечена глава; клопчето на Аријадна; оревчиња на Бадник; капка пот помеѓу големи цицки; фудбалска топка во неуспешно бегство од зелениот терен; една солза, па уште една, па две-три; Големото тркало; годините. и ние со нив.
Работи кои немаат име
Работи за кои паѓа криво
што кога ти е убаво тоа трае кратко; што никогаш нема да има улица со твое име; што на човек со сила можеш да му земеш, но не и да му дадеш; што некој не знаел да земе од тебе; што „умре тоа време", а и ова богами не се чувствува баш добро; што колку и да се трудиш, некои луѓе и понатаму ќе мислат дека си лош човек; што како и да го вртиш светот е мрачно место; што не е онака како што ти велеле дека ќе биде. што веќе ништо нема да биде како што беше.
Работи кои е подобро да не ги знаеш
што навистина мислат другите за тебе; како се произведува (детска) паштета; како изгледа твојот стомак, од внатре; што сè го возбудува твојот партнер (a богами, и тебе); каков е, како човек, твојот омилен писател; кој се крие зад никот на оној што ти остава злобни коментари; дали ако уплатеше ќе се паднеа баш тие бројки; што ти мислам..; кој е убиецот, на почетокот од филмот; колку ќе ти доцни хонорарот; што се случува зад сцената во театар; како котираш во еволутивни рамки; на што сè се подготвени некои луѓе; кога и од што ќе умреш; што би било кога би било. дали сево ова има некаква смисла.
Работи кои губат на значење, со тек на време
дали твоите планирале да се родиш; што си имал географија во петто; дали некој е малку постар или помлад од тебе; кај си го загубил црното зимско капче; од која страна на креветот спиеш; каде си бил на летовање 1976; породилните болки; кому си му ја позајмил „Бесмртност" од Кундера откако повторно си ја купил; ланскиот снег; сè што си заборавил, затоа што сигурно имало зошто; прашањето што би било кога би било. и, повторно...дали сево ова има некаква смисла?