Во Битола би ја викале Кате Змивчето

Се викала Кетрин, а се презивала Слотербек (Касаповска), што симболично се врзува со нејзиниот најголем животен подвиг - кога наводно сама искасапила повеќе од сто змии отровници кои се заплеткале околу коњите со кои патувале таа и нејзиниот син.

Кетрин МекХејл Слотербек (1893-1969) не била нешто особено талентирана, убава или на друг начин заслужна да влезе во историјата. Но таа (историјата) памти и некои необични подвизи, како овој на жената која ќе остане запишана во неа како како „Ратлснeјк Кејт“ („Змијска Кејт“) бидејќи наводно сама убила 140 змии-отровници.

Била родена во дрвена колиба во близина на Лонгмонт, Колорадо. Студирала во медицинското училиште на болницата „Свети Јосиф“ и подоцна се преселила во градот Хадсон, Колорадо. Била вешта во таксидермија и често носела панталони наместо фустани – нешто што било невообичаено за жените во тоа време. Во текот на животот се мажела и разведувала шест пати, меѓу другите и со човек по име Џек Слотербек, чије презиме го задржала. Имала еден син, Ерни Адамсон.

На 28 октомври 1925 година, Кејт станала легенда кога сама убила 140 отровни змии. Таа и нејзиниот син биле на коњи и се упатиле кон езеро близу нивната фарма, со надеж дека ќе најдат патки што ловците ги оставиле зад себе. Наместо тоа, наишле на повеќе од сто змии што изгледа колективно се селеле од едно место на друго.

Кејт почнала да пука во нив, но кога ѝ снемало муниција, зела дрвена табла - за која се вели дека имала натпис „Забранет лов“ - и ги докрајчила останатите змии со неа. Подоцна раскажала: „Се борев со нив со стап долг не повеќе од еден метар, вртејќи се непрекинато повеќе од два часа, додека не си пробив пат и не се вратив кај мојот верен коњ и кај Ерни, кои цело време ме гледаа оддалечени едвај 20 метри.“

По враќањето дома, нејзиниот сосед ја слушнал приказната и повикал новинар. За фотографирањето, Кејт ги наредила мртвите змии на јаже - сликата станала славна низ целата земја. Подоцна направила фустан, чевли и ремен од нивните кожи. Фустанот (слика горе), направен од кожите на 53 змии, бил особено познат, а таа тврдела дека од Институтот Смитсонијан ѝ понудиле 2.000 долари за него.

Приказната за нејзиниот подвиг била објавена во американските весници и била пренесена низ целиот свет - во Германија, Белгија, Шкотска, Франција, Англија, Мексико и Канада. Во подоцнежните години, Кејт почнала и да одгледува змии, вадејќи им отров кој го продавала на научници во Калифорнија. Три недели пред смртта го донирала својот познат фустан од змијска кожа на градскиот музеј во Грили. По нејзината смрт, синот Ерни донирал и други нејзини предмети – меѓу нив и пушката ремингтон.

По нејзина желба, на надгробната плоча стои само натписот „Rattlesnake Kate“. 

4 ноември 2025 - 17:37