Страв во воздухот: хемиски критериум за тоа дали некој филм е „хорор“

Изопренот е соединение што се создава во мускулите и се ослободува преку дишењето и преку кожата, особено кога сме напнати. Оттаму, концентрацијата на изопрен во воздухот може објективно да го покаже која возраст е соодветна за гледање на филм и колку тој е генерално страшен.

Група научници од Институтот „Макс Планк“ во Мајнц открила необичен, но научно мерлив начин за утврдување на возраста од која е дозволено гледањето на филмови: со мерење на концентрацијата на изопрен во воздухот на кино-салите. Истражувачите забележале дека колку што тензијата помеѓу публиката е поголема, толку повеќе варира количината на испуштениот изопрен. Со вакви мерења може да се процени колку еден филм е „стресен“ или емоционално вознемирувачки – особено за деца и тинејџери.

Вообичаено возраста за гледање филмови се утврдува субјективно, преку проценка на содржината. Така, „Кралот лав“ е дозволен за сите возрасти, додека филмови како „Хари Потер“ или „Дракула“ имаат ограничувања (на пример 12, 16 или 18 години). Научниците во истражување oд 2018 мереле состав на воздухот во кина за време на 135 проекции на 11 различни филмови, со повеќе од 13.000 гледачи. Концентрацијата на изопрен доследно се совпаѓала со возраста за која филмот е препорачан. „Изопренот изгледа како добар индикатор за емоционална напнатост кај групата“, објаснува Џонатан Вилијамс, водач на истражувачкиот тим. „Нашиот пристап може да понуди објективен критериум за одредување на филмските возрасни категории.“

Изопренот е соединение што се создава во мускулите преку метаболички процеси и се ослободува преку дишењето и кожата – особено кога се движиме или се напнуваме. Тоа значи дека кога гледачите стануваат вознемирени или се возбудуваат, несвесно се мрдаат, им се грчат мускулите и тие испуштаат повеќе изопрен. Оваа појава може да ја покаже колку емоционално влијае филмот врз публиката.

За да ги добијат овие податоци, истражувачите приклучиле масен спектрометар на вентилациониот систем во киното и на секои 30 секунди ја мереле концентрацијата на 60 различни хемиски соединенија. Податоците потоа биле споредени со официјалните возрасни класификации на филмовите.

Студијата може и да се прошири и да се испита дали нашите емоции – не само страв или вознемиреност, туку и радост, тага или изненадување – оставаат препознатлив „хемиски отпечаток“ во воздухот. За тоа ќе се спроведуваат лабораториски експерименти во соработка со други одделенија на Институтот „Макс Планк“.

10 ноември 2025 - 13:58