Добитната комбинација на ваквите статии се состои од наслов кој е исклучок од регуларните содржини, нивната тема е сместена во веќе постојна категорија и класификација, просторно ја организира информацијата и ветува сторија која ќе има завршеток и чија должина е однапред дефинирана.
"Заедно, сето ова создава лесно читателско искуство, во кое ментално тешкиот товар како концептуализација, категоризација и анализа (на текстот) се завршени многу пред самото читање - нешто слично како да испиеш пасиран зеленчук, наместо да треба сиров да го јадеш," објаснува Мариа Коникова за Њујоркер.
Мозокот се обидува да најде логика кај секоја информација. Откако ќе успее да ја открие смислата, тој сака да обезбеди контекст и да одлучи дали е потребно да се фокусира на темата. При ова целиот процес е инстантен, ние не ни сфаќаме дека сме направиле избор во моментот кога нашиот мозок избрал еден или друг правец.
"Нашиот поглед или застанува или продолжува да прегледува. Нека ви текне на некој момент кога без размислување сте сурфале по страни и одеднаш без да знаете зошто, сте застанале на некое место за да ги обработите зборовите. Што ве натерало да застанете и да се фокусирате? На физичко ниво, одговорот често е едноставен: разлика. Кога и да ја прегледуваме околината без никаква цел, нашиот поглед го фаќаат работи кои не се вклопуваат во таа околина - карактеристики кои одеднаш се менуваат и некако се разликуваат од позадината. Наслов кој е графички истакнат има поголеми шанси да биде забележан, а во околина каде што дузини стории и наслови се борат за внимание, бројките го растураат визуелното поле," пишува Коникова.
Самиот формат на листите (без разлика дали се статија на интернет или список за купување) е начин на кој мозокот потсвесно преферира да му биде организирана информацијата.