Се распадна германското „водородно чудо“

Германија пред пет години ја најави големата „водородна револуција“ како основа на идната енергетска независност и симбол на „зелената транзиција“. Според извештај на Федерални ревизори, планот денес изгледа како еден од најскапите промашувања во поновата историја на земјата. Државата вложува милијарди долари за технологија за која не постои пазар.

Понудата и побарувачката на водородно гориво е далеку под очекувањата дефинирани во целите на Берлин за проширување на економијата.

Германија мора да ја ревидира стратегијата поради бавното зголемување на производството. Владата мора да се соочи со реалноста и итно да дејствува, соопшти Федералниот суд на ревизори (Bundesrechnungshof).

Според ревизорите, во производството и во инфраструктурата на „чистото гориво на иднината“ Германија вложувала помеѓу 8 и 9 милијарди евра годишно, а резултатот бил производствен капацитет од 0,16 гигавати. Производството и потрошувачката на водородно гориво не се ускладени, а инфраструктурните планови се оценети како нереални.

И покрај милијарди евра потрошени на субвенции, владата досега не ги постигна целите утврдени во својата стратегија за водород - и веројатно нема да го стори тоа во блиска иднина, заклучуваат ревизорите во посебен извештај во кој се проценува напредокот и предизвиците во воспоставувањето водородна економија во земјата. 

Не може да се предвиди дека водородот ќе стане конкурентен по цена, а трајните државни субвенции претставуваат голем товар за федералните финансии, кои веќе се во хаос, забележа шефот на ревизорите, Кеј Шелер.

Во Националната стратегија за водород, усвоена во 2020 година, беше проектирано дека со текот на времето ќе се зголеми побарувачката на синтетички гас за разни индустриски проекти, како на пример за производство на „зелен челик“.

Но, новите енергетски централи на гас немаат обврска да се прилагодат да функционираат и на водород, што беше планирано како стимулација за побарувачката. Поради претерано амбициозните цели била создадена преобемна инфраструктурна мрежа за водород, која не се користи, а претставува финансиски товар. 

Ако сака да се приближи до своите цели за јаглеродна неутралност до 2045 година, владата мора да обезбеди индустриска одржливост и да избегне преоптоварување на федералниот буџет, заклучуваат ревизорите. 

18 ноември 2025 - 08:36