Профитот од ултрапреработената храна е поважен од здравјето

Здравјето и благосостојбата на луѓето низ светот се загрозени од големи корпорации кои агресивно поттикнуваат потрошувачка на ултрапреработена храна за да остварат профит, покажува досега најобемна анализа на стотина научни истражувања. Од владите се бара да не подлегнуваат на притисоците од моќните компании и да ги вратат свежите производи во исхраната.

Ултрапреработената храна (UPF) е поврзана со штета во секој витален орган во телото на човекот и ги преоптоварува здравствените системи на глобално ниво, покажува досега најобемната студија посветена на оваа закана. Замената на свежите производи со ултрапреработени во исхраната на возрасните и на децата го зголемува ризикот од десетина здравствени состојби, вклучувајќи дебелина, дијабетес тип 2, срцеви заболувања и депресија.

Во трите студии, 43 водечки светски експерти направиле систематски преглед на 104 долгорочни истражувања за ефектите и последиците од ултрапреработената храна за здравјето. Во 92 истражувања биле претставени докази за поврзаност со најмалку една хронична болест и рана смрт. Диетите богати со UPF се поврзани со прејадување, слаб квалитет на исхраната и поголема изложеност на потенцијално токсични хемикалии и адитиви.

Ултрапреработената храна му штети на секој главен органски систем во човечкото тело. Доказите силно сугерираат дека луѓето не се биолошки прилагодени да ја консумираат, предупредува Карлос Монтеиро, професор по исхрана и јавно здравје на Универзитетот во Сао Паоло.

Тој создал систем за класификација на храната врз основа на нивото на преработка. Минимално преработената опфаќа свежо овошје и зеленчук, а максималното индустриски произведена храна со вештачки ароми, емулгатори и бои, како спакуваните грицки и газирани безалкохолни пијалоци.

Наглиот пораст на UPF низ целиот свет е поттикнат од корпорации водени од профит кои користат низа агресивни тактики за да ја поттикнат потрошувачката, да ја нарушат научната дебата и да спречат регулација, се наведува во серијата од три научни трудови објавени во журналот Лансет. 

Милиони луѓе низ светот сè повеќе консумираат ултрапреработена храна во форма на готови оброци, житарки, протеински плочки, газирани пијалоци и брза храна. Во САД и Британија, на пример, ултрапреработените производи сочинуваат повеќе од една половина од вкупното количество консумирана храна. Во екстремни случаи, особено во посиромашни региони, типичната исхрана содржи дури 80% UPF. Спротивен пример е Бразил, кој со законски мерки утврди до 2026 година 90% од храната да биде свежа или минимално преработена.

Овие видови храна, на кои им се збогатени вкусот и калоричната вредност и не содржат хранливи материи, агресивно се пласираат на пазарот за да ја заменат свежата храна. Моќни глобални корпорации со политичко лобирање ги спречуваат ефикасните политики за јавно здравје за поддршка на здравата исхрана, предупредува Монтеиро.

Во друг труд од серијата се објаснува порастот на ултрапреработената храна не е поради индивидуалниот избор, туку им е наметната на луѓето.

Главната пречка за заштита на здравјето се корпоративните политички активности, координирани транснационално преку глобална мрежа за да се спротивстават на опозицијата и да ја блокираат регулативата, се предупредува во студијата.

Авторите на студиите повикаа на мерки за задолжително етикетирање на ултрапреработената храна на предната страна од пакувањето, забрана за продажба околу училишта и болници и построги ограничувања за рекламирање.

19 ноември 2025 - 08:58