Иранските сили лансираа ракети врз повеќе арапски држави и го погодија меѓународниот аеродром во Кувајт. Новата престрелка потврдува дека во скоро време нема да има мировен договор и дека кревкото примирје нема да трае долго. Всушност веќе е прекинато, иако Трамп продолжува да тврди дека „оди добро“.
Додека Блискиот Исток гори, американскиот претседател размислува за можноста да се сретне со ајатолахот на Иран (чиј претходник и татко Трамп го уби) и зборува за „зора на мирот“ во регионот. Мирот, сепак е далеку. Трамп или е во заблуда или едноставно негира колку лошо оди војната што ја почна заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Ниту Тел Авив ниту Техеран не обрнуваат внимание на желбите на американскиот претседател. Тие цврсто ги бранат своите национални интереси. Во меѓувреме, арапските држави од Заливот се принудени да плаќаат - и метафорично и буквално.
Стратегија на Иран е едноставна. Прво, режимот мора да го преживее бесот на американската и израелската воена моќ. Потоа Исламската Република сака да ја намали или по можност целосно да ја отстрани американската воена моќ од регионот. На крајот, Иран сака да се етаблира како голема, масивна регионална воена и економска сила, како противтежа на нуклеарно вооружениот Израел.
Американската стратегија е порастегната, делумно затоа што претседателот нема или не се придржува до никаков план. Војната почна со очигледна цел да се „обезглави“ Иран со сеопфатни и краткорочни напади, со надеж дека народот ќе се крене и ќе го собори режимот, инсталирајќи нов, кој би бил поотворен кон САД и Израел. Подоцна Вашингтон сакаше да го денуклеаризира Иран, па да ја уништи заканата од балистички ракети, беспилотни летала и хиперсонично оружје.
Американците не успеаја да постигнат ниту една од овие цели. Всушност, во Иран создадоа поопасен непријател отколку што беше претходно. Верските лидери и командантите од Револуционерната гарда сега се посилни на домашната сцена. Новиот ајатолах е потврдокорен од неговиот татко. Капацитетите на Иран за производство на ракети и беспилотни летала останаа недопрени од американските воздушни напади, според многу експерти. Способноста да ги лансираат останува сериозен проблем, кој американската војска очигледно не може да го надмине. Морнарицата и воздухопловните сили на Иран, спротивно на раните тврдења на администрацијата на Трамп, не се уништени. Тие остануваат борбено ефикасни.
Програмата за нуклеарно оружје сигурно ќе напредува, со поголема посветеност отколку пред војната. И најважно, Техеран никогаш нема да дозволи Ормускиот проток да биде отворен како што беше пред 28 февруари, туку засекогаш ќе наметне контрола врз теснецот низ кој поминуваше 20% од глобалниот извоз на нафта.
Иран ќе трпи економски последици, но тие непропорционално посилно ќе се почувствуваат кај Америка и нејзините сојузници, кои се многу повеќе изложени на глобалната трговија.
Големите сили не се поразени само кога нивните армии губат битки, туку кога трошат огромни ресурси за цели што не можат да ги постигнат. Северен Виетнам технички не ги победи Американците во битка, туку на политичко и стратешко ниво. Ако продолжи со ова темпо, војната во Иран ќе се памети како болниот момент кога Вашингтон ги откри вистинските ограничувања на американската воена моќ, забележува Брендон Вајхерт, уредник во National Security Journal.