Џорџ Х. В. Буш, американски воен злосторник

Изминатава недела бевме сведоци како огромен дел од американските „либерални“ медиуми речиси го канонизираа рахметли Џорџ Херберт Вокер Буш кој почина на 94 годишна возраст. Државник, визионер, верен слуга на американскиот народ, човек со интегритет и класа, татко за пример, дедо за пример, прадедо за пример.... Притоа се заборави да се каже дека со негова команда, врз Ирак беа истурени 88.000 тони американски бомби. Затоа оние наводници погоре.  

Разбирливи се тие меки тонови со кои се отсликува животот и делото на некој покојник, сосема во согласност со старата латинска мудрост „de mortuis nil nisi bonum“ (за мртвите сè најдобро), бидејќи семејството, пријателите и почитувачите на покојниот имаат право на мир во својата тага кон блискиот кој заминал.

Но тоа не е причина новинарството да се претвори во хагиографија што масовно се случи во врска со смртта на 41-от американски претседател. Кога се работи за државници и историски актери, освен респект кон покојникот, треба да се има почит и кон историските факти. Недозволиво е заради нечија смрт вистинскиот политички профил да биде бесрамно беатифициран бидејќи тоа се лажни вести и приказната се сведува на пропагандистичко перење мозоци.

Има луѓе кои го сметаат Џорџ Буш постариот за најпотценетиот американски претседател. Професорот по историја и новинарство Дејвид Гринберг мисли обратно, дека е најпрецениот, повеќе и од Двајт Ајзенхауер. Според Гринберг, негова дефинирачка политичка карактеристика е цинизмот.

На времето бил против историскиот Закон за граѓански слободи со кои се забранува дискриминација во училиштата и другите јавни места. Подоцна опортунистички прифаќа и отфрла анти-абортус ставови а посебно валкано игра во предизборните кампањи. На пример, го омаловажуваше патриотизмот на Клинтон затоа што за време на школувањето во Англија учествувал на протести против виетнамската војна а фрлаше сомнежи зашто овој ја има одбрано „баш Русија“ кога автостопирал во младите денови. Особено валкано играше против демократскиот против-кандидат Мајкл Дукакис за кого се прашуваше дали е доволно Американец. На на тие избори во 1988 година, кои се сметаат за едни од највалканите во историјата, Буш бескрупулозно игра на расистичката карта. Еден случај на затвореник од Масачусетс (територија на Дукакис) кој привремениот отпуст го искористил да силува жена, Буш го злоупотреби за предизборен спот во кој главна поента беше да се потенцира дека силувачот бил црнец а жената бела. 

13 години пред Џорџ Дуплове да го излаже светот за измисленото оружје за масовно уништување кое го поседува Садам за да ја оправда инвазијата и окупацијата на Ирак, неговиот татко имаше своја лажна приказна. Како што уверливо докажа новинарот Џошуа Холанд, првата Заливска војна ѝ била продадена на јавноста благодарејќи на „планина од воена пропаганда“.

Своевремено постариот Буш тврдеше дека САД морале да реагираат бидејќи Ирак „без провокација и предупредување“ го нападнал Кувајт. Подоцна се дозна дека кога се знаело дека Садам се подготвува да го нападне соседот, Буш кај него го има испратено својот амбасадор  Ејприл Гиаспи со јасна порака дека „САД не планираат да се мешаат во внатре-арапските прашања“ што било чисто зелено светло Хусеин да удри на Кувајт.

Тоа е операција во која раскошно се фалсификуваат разузнавачки информации. Американските трупи се одведени во пустина, меѓу другото и „за да ѝ се помогне на владата на Саудиска Арабија да ја одбрани својата територија“ бидејќи сателитските снимки на Пентагон покажувале дека „на границата има 250.000 ирачки војници и 1.500 тенкови“. Подоцна се обелоденуваат вистинските сателитски снимки во кои нема ни трага од ирачка војска на границата.

На почетокот на 90-тите Буш ги охрабрува и конкретно ги помага Шиите на југот и Курдите на северот на Ирак да му се спротивставуваат на режимот на Садам и да го ослабуваат  Ирак. Но, откако успешно го претерува Садам од кувајтскиот песок, решава дека Ирак сепак не треба да се распадне, па преку ноќ ја прекинува сета помош за довчерашните сојузници. Оставени на цедило, гинат или биваат раселени десетици илјади Шиити и Курди. Слична смисла за „реална политика“ Буш покажа и со својата индиферентност кон Кина после настаните во Теинанмен.

Крајот на политичката кариера постариот Буш ја завршува со еден од најсериозните скандали, кога решава да амнестира луѓе поврзани со Ирангејт само за да не мораат да сведочат, со што ќе го вплеткаа и него во таа афера.

Интерсепт беше еден од ретките медиуми кој понуди чесна новинарска комеморација на упокоениот претседател но и на неговите жртви. Во следниот нивен подкаст Џереми Кејхил ги детализира злоделата на Буш, кварната пропаганда на корпоративните медиумски ламентирања, трагите на крв, смрт и солзи кои Буш ги остави зад себе. Независниот новинар Арон Гупта дискутира за поддршката на Буш за озлогласениот Мануел Нориега, амнестирањето на Иран-контра криминалците, поддршката за Садам и подоцнежната Заливска војна а угледниот ирачки поет и интелектуалец, Синан Антон, го опишува животот под садамовиот режим додека уживаше поддршка од САД, хоророт на Заливската војна и за тоа како Бушовото уништување на ирачката цивилна инфраструктура и општество доведува до создавање на ИСИС.

Сите овие мрсни злодела, во касабите на оддалечените протекторати се отпишуваат како „повремени контроверзи кои доликуваат на еден американски претседател“.

Џорџ Херберт Вокер Буш, Господ нека те прости.

 

 

9 декември 2018 - 16:44