„Нема нeшто што е тајно а што нема да биде јавно“, се зборовите од Евангелието во кои Господ укажува дека постојат духовни закони по кои секој грев, престап или злосторство ќе биде познат порано или подоцна. Овој закон нè засега нас како поединци, но и цели држави и народи.
Во овој наш балкански микрорегион нема народ кој е толку оспоруван, негиран и чие постоење е забрането со едикти, закони, па и бришење од историјата, како македонскиот. Тоа е неговата голгота која и ден-денес ја поминува и преживува.
Меѓутоа, вистината не може да се скрие. Дојдовме до увид на уште еден доказ, кој недвосмислено ја открива оваа вистина. Пред околу три години ги обелоденив страниците на учебникот по географија за средните училишта во Кнежеството Србија од 1871 година каде Македонците беа наведени како посебен народ и беа опишани како „најстарите Словени на Балканот.“
Неодамна дојдовме до нов доказ, кој исто така ги побива сите тие лажни тврдења и пропагандистички и морбидни флоскули за „создавањето на македонскиот народ од Тито и КПЈ“ и слично.
Станува збор за уште еден учебник по географија на Кнежеството Србија, овојпат за основни училишта, објавен во 1872 година, каде што авторот на учебникот јасно наведува дека три словенски народи на Балканот се под Турците - Срби, Македонци и Бугари (Македонците живеат во Македонија од Шар планина до Егејското Море). Значи, тоа се официјалните учебници на српската држава, од кои учеле сите деца во Србија.
Така било до 1881 година, кога под притисок на Австро-Унгарија, Србија се обврзала да ги редефинира односите со Македонија, по што Македонците биле избришани од српските учебници, училишта, знаење и умови. Уште полошо, од главите на братскиот народ, братот.
Остануваат само неколкумина да сведочат за вистината во морето на лаги, фалсификати и пропаганда.
Сепак, да се биде со вистината/Вистината е тешко и трнливо, често исполнето со страдање и одрекување, но секогаш драгоцено и благородно, бидејќи сведочењето на вистината го прави човекот како Бог, затоа што Бог секогаш е таму каде што е Вистината, на која ниту една лага не одолеа.