Експериментот за создавање ураниум од ториум успешно завршил пред неколку дена во реакторот на течна ториумска сол (TSMR) изграден во пустината Гоби, соопшти Институтот за применета физика на Академијата на науките во Шангај.
TSMR е концепт од четвртата генерација нуклеарни реактори. Нуклеарното гориво не се поставува во јадрото во цврста форма, како во реакторите со вода под притисок (PWR), туку е во течна форма, растворено во сол од флуор, литиум и берилиум (FLiBe) загреани на приближно 630 °C. Оваа мешавина може да се користи и како гориво и како материјал за разладување, со што се избегнува потенцијалниот ризик од систем за ладење со вода. Трансформацијата е неопходна затоа што ториумот бара специфични услови и не може да се користи директно како нуклеарно гориво. Прво мора да се претвори во ураниум во самиот реактор.

Кина е особено заинтересирана за овој концепт, затоа што се верува дека ги поседува најголемите резерви на ториум во светот. Истражување спроведено пред неколку месеци покажа дека само од сегашниот рударски отпад при експлоатација на ретки метали може да се обезбеди доволно гориво за ториумски реактори за најмалку 20.000 години. Веќе се гради нов реактор со моќност од 10 мегавати, првите индустриски реактори се планирани за во 2030 година, а комерцијалните, со моќност од 100 мегавати, до 2035 година.
Нуклеарната енергија, која се карактеризира со висока густина, емисии на јаглерод од речиси нула и независност од сезонските варијации, е безбеден, чист, ефикасен и нискојаглероден извор. Таа игра клучна улога во заштитата на енергетската безбедност и унапредувањето на целите за комерцијализација во голем обем, изјави Цаи Сјангжу од Шангајскиот институт за применета физика.
Цаи истакна дека Кина бележи постојан раст на новоинсталирани нуклеарни капацитети, но се соочува со голема зависност од увезен ураниум - најчесто во форма на веќе користено нуклеарно гориво.

Даи Жимин, директорот на Институот објаснува дека покрај изобилството на резервите, клучна предност на ториумот во однос на ураниумот е негативниот температурен коефициент на реактивност, односно значително помал ризик од ослободување радијација. Потрошеното гориво, исто така, е со помал волумен и пократок период на радиоактивно распаѓање, што овозможува полесно отстранување на отпадот.
Реакторите од четвртата генерација користат стопена сол и како гориво и како средство за ладење. Работат со понизок притисок и на пониска температура, вели Даи.
Кина не е првата земја што изградила ториумски реактор, но до највисоко ниво ја надградила технологијата што САД ја напуштиле пред половина век. Експеримент спроведен во лабораторијата Оук Риџ од 1965 до 1969 година ја потврдил потенцијалната ефикасност на ректор со стопена ториумска сол, но вниманието и финансирањето било пренасочено кон други приоритети. Индија експериментирала во 1980-ите, но го откажала проектот поради лоши материјали и комплексноста на системот.