Сакаат Сонцето да ни свети и ноќе

На низата луди проекти за прскање аеросоли во стратосферата за да направат сенка на Земјата за да го спречат глобалното загревање, се појавуваат и спротивни – за рефлексија на сончеви зраци ноќе. Американски стартап собира инвестиции за да постави огромни огледала кои по стемнување ќе насочуваат сончева светлина кон соларни централи. Има мал проблем. Законите на оптиката.

Компанијата Reflect Orbital ветува дека „по нарачка ќе произведува сончева светлина ноќе“ и ќе ја доставува до соларни централи за да може да произведуваат струја и по зајдисонце. Стартапот најави дека во 2026 година ќе лансира 18-метарски експериментален сателит Earendil-1, а потоа, ако тестирањето биде успешно, ќе постави мрежа од уште 4.000 сателити во орбита до 2030 година. Научници предупредуваат дека проектот не може да биде успешен, бидејќи тоа не го дозволуваат законите на оптиката. 

За да привлече инвеститори, Бен Новак, основачот на Reflect Orbital, лани објави показно видео со огледало кренато на височина со балон со топол воздух. Квадратното огледало со пречник од 2,5 метри насочило сончев зрак кон соларни панели и сензори на земјата. Биле измерени 516 вати светлина на квадратен метар, рефлектирана од огледалото на височина од 242 метри.

Сателитите на Reflect Orbital би орбитирале на височина од 625 километри и би имале огледала со пречник од 54 метри. Зраците што тие би ги рефлектирале кон површината би биле премногу расеани за да се постигне ефект. Принципот може да се провери во темна соба со извор на светлина. Кога со огледало од близу се рефлектира на ѕид има мал и светол круг, но ако е подалеку, кругот се шири и станува потемен. 

Сонцето не е точка што зрачи светлина, туку зафаќа агол од половина степен на небото. На големи растојанија, неговите зраци што се рефлектираат од рамно огледало се шират под истиот агол.

Тоа значи дека огледало на растојание од 800 километри (зашто нема секогаш сателитот да биде прецизно над точката што ја осветлува), би расеало зраци на површина од 7 километри. Дури ни закривени огледала и користење леќи нема да ги фокусираат зраците во помал дијаметар. Светлината што ќе се одбива од огледала со дијаметар од 54 метри би била околу 15.000 пати послаба од пладневното Сонце, иако би била посилна од полна Месечина. 

За да се постигнат истиот ефект како показното огледало кренато со балон, огледалото треба да биде со дијаметар од најмалку 8,3 километри, а не 54 метри. Дури и ако се координираат сите 4.000 сателити од мрежата да зрачат во една точка, во идеални услови би се постигнал ефект од 200 вати на квадратен метар, што е 20% од моќта на светлината на пладневното Сонце. Постојаното движење на сателитите би ја задржало оваа моќност од само неколку минути. 

Новак од Reflect Orbital предложи да постави 250.000 сателити во орбита од 600 километри. Тоа е повеќе од сите каталогизирани сателити и големи парчиња вселенски отпад заедно. Дури и таа огромна констелација би испорачала само 20% од пладневното Сонце до 80 локации одеднаш. Ако времето не е облачно.

При ведро небо, штетата за луѓето би била минимална, но светлината би можела да ги ослепи астрономите што користат оптички телескопи. 

6 ноември 2025 - 11:35