Кога Њујорк Тајмс ми се обрати, прашувајќи дали можам да напишан неколку збора како авторитет на полето на хипохондријата, искрено бев затечен. Што би можел да кажам за овој тип налудничаво однесување, со оглед на тоа што, спротивно на популарното верување, јас не сум хипохондрик, туку сосема различен тип будала?
Јас сум всушност алармист, што спаѓа во истата категорија како и хипохондрикот, или можеби поточно, во истата ординација за итни интервенции. Сепак, има фундаментална разлика. Јас не искусувам замислени болести - моите болести се реални.
Она што ја разликува мојата хистерија е дека при појавата и на најмалиот симптом, да речеме испукани усни, веднаш доаѓам до заклучок дека тоа означува тумор на мозок. Или можеби рак на бели дробови. Еднаш мислев дека е кравјо лудило.
Поентата е дека секогаш сум сигурен дека имам нешто опасно по живот. Не е важно тоа што многу малку луѓе кои се пронајдени мртви имале испукани усни. Секоја и најмала болка ме носи кај доктор во потрага по утеха дека мојата најнова алергија нема да повлече трансплантација на срце, или дека погрешно сум го дијагностицирал мојот осип, и дека не е возможно човечко суштество да заболе од пламеница на компирот.
За жал, мојата жена го носи товарот на овие патолошки драми. Како тогаш кога се разбудив во три наутро со дамка на вратот која за мене беше јасен знак на меланом. Излезе дека е шљифка, но дури по многу цмиздрење и шкрипење со заби во болницата. Седејќи во тие мрачни часови во собата за итни интервенции кадешто жена ми се обидуваше да ме смири, минував низ петте фази на тагата, и токму дојдов до изборот меѓу „одрекување" и „ценкање" кога еден млад доктор ме фиксираше со надмен поглед и саркастично изјави, „Вашата шљифка е безопасна".
Но зошто би живеел во таков постојан страв? Добро се грижам за себе. Имам личен тренер кој ме тера да правам 50 склека месечно, а комбинирано со виткањето на колената, сега можам да кренам тег од 45 килограми над главата со само минимално истегнување на стомачниот ѕид. Никогаш не пушам и гледам што јадам, внимателно одбегнувајќи јадења кои предизвикуваат задоволство (во основа се придржувам до медитеранска диета од маслиново масло, јаткасти плодови, смокви и козјо сирење, и освен повремениот импулс да станам продавач на килими, функционира). Освен годишните систематски прегледи, ги добивам сите вакцини кои ме прават имун на сè од Виплова болест (ретка, заразна бактериски индуцирана состојба - заб.прев.) до видот Андромеда (научно-фантастичен микроорганизам кој фатално ја згрутчува човечката крв, од истоимениот филм од 1969).
Што се однесува до витамините, ги земам со секој оброк, и со текот на времето вообичаено внесувам многу, пред најновата студија да потврди дека тие се бескорисни. А пак со лекарствата сум флексибилен иако ревносен, бидејќи иако е вистина дека антибиотиците ги убиваат лошите бактерии, секогаш ми е страв дека тие ќе ги убијат и моите добри бактерии, да не ги споменувам моите феромони, и дека потоа нема да имам сексуални дразби во преполн лифт.
Исто така е вистина дека кога излегувам од дома за да се шетам во Централ парк или до Старбакс по лате, правам брз кардриограм или компјутерска томографија, чисто превентивно. Жена ми вели дека ова е глупост и дека на крајот на краиштата сè е генетски. Моите родители поживеаа до старост, но апсолутно одбија да ми ги пренесат нивните гени бидејќи веруваа дека наследството често го расипува детето.
Дури и кога резултатите од мојот годишен систематски покажуваат дека сум во совршено здравје, како можам да се релаксирам знаејќи дека истата минута кога си одам од кај докторот нешто може да почне да расте во мене, и дека по една година рендген снимката на моите гради може да изгледа како слика на Џексон Полок? Случајно оваа бескрајна преокупација со здравјето ме направи вистински аматерски медицински експерт. Не дека понекогаш не правам грешки - но кој е тој доктор кој не ги прави? На пример, еднаш убедив една жена која имаше слабо ѕвонење во нејзините уши дека има внесено месојадна бактерија, а друг пат прогласив еден човек за мртов, иако тој само имаше паднато од столче.
Но каква е оваа опсесија со личната ранливост? Кога паничам за симптоми за кои не е потребен повеќе од аспирин или малку лосион за изгореници, што е тоа од што навистина се плашам? Мојата најдобра претпоставка е дека тоа е умирањето. Секогаш сум имал животински страв од смртта, судбина која по злокобноста ја рангирам втора, веднаш по тоа да мора да ислушаш цел рок концерт. Жена ми се обидува да ме утеши во врска со смртноста и ме уверува дека смртта е природен дел од животот, и дека сите ќе умреме порано или подоцна. Чудно, но оваа вест, кога ми е шепната на уво во три наутро, ме прави да врескам во кревет, да ја запалам секоја сијалица во куќата и да ја пуштам "The Stars and Stripes Forever" на најгласно додека не излезе сонцето.
Понекогаш замислувам дека смртта би можела да биде поиздржлива доколку умрам во сон, иако реално ниту една форма на умирање не ми е прифатлива, со можниот исклучок да бидам шутиран до смрт од пар лесно облечени коктел келнерки.
Барем да бев религиозен, што не сум, иако понекогаш имам некое чувство дека сме дел од нешто поголемо - како на пример шемата на Понзи. Еден голем шпански филозоф напишал дека сите луѓе копнеат по „вечното траење на свеста". Тоа не е лесно да се постигне, особено кога вечерате со луѓе кои постојано зборуваат за нивните деца.
Па сепак, има и полоши работи од смртта. Голем број од нив во моментов се даваат во салите близу вас. На пример, не би сакал да преживеам удар и остатокот од мојот живот да зборувам од крајот на устата како некој кој мести резултати на коњски трки. Исто така не би сакал да паднам во кома, да лежам на болничкиот кревет а да не сум мртов, и да не можам дури ни да ѝ трепнам на болничарката да го смени каналот од Сител. Освен тоа, кој може да каже дека медицинската сестра не е еден од оние ангели на смртта кој мрази луѓето да се мачат и ми ги полни интравенозните ќеси гликоза со безоловен?
Она што најмногу ме загрижува е да завршам како билка - која и да е, а тука спаѓа и пченката, која под посреќни околности ја сакам. И на крајот на краиштата, дали е толку фино да се живее засекогаш? Понекогаш на вести гледам прилози за некои високи луѓе oд снежни региони, каде целото село живее до 140 години. Секако сè што јадат е кисело млеко, а кога конечно умираат тие не се балсамирани туку пастеризирани. И не заборавајте дека овие луѓе мораат насекаде да одат пешки - обидете се да фатите такси на Хималаите. Мислам, дали навистина сакам да си ги минам деновите во некое оддалечено место каде главната забава е да гледаш кој градски фраер може повисоко да крене вол над главата?
Сумирајќи, постојат две одделни групи, хипохондрици и алармисти. Обете страдаат на свој начин, и некои од карактеристиките може да им се преклопуваат, но во овој момент, и двете се подобри од тоа да бидеш Републиканец.