- Стимулансите на Бајден ги поплавија Американците со пари и жестоко го скратија сиромаштвото.
- Шампионот на средната класа доаѓа да им помогне на сиромашните.
- Бајденовата историска победа за Америка
Ова се дел од некои скорешни наслови во американскиот печат кои Мат Таиби неодоливо го потсетуваат на озлогласената школа на советскиот печат. На човекот инаку му е хоби да собира стари советски весници како Правда, Известија и други и како и секој колекционер, горд е на некои бисери во својата колекција, како бројот со Јуриј Гагарин, известувањата за монтираните судски случаи во 1938 и други.
„Овие старини, со драматично мрсните црни букви се кул парче историја. Она што не е кул е - пишувањето. Советскиот печат беше обвиткан со толку дебел слој на бесрамност што е тешко да се замисли дека некој можел да го чита тоа без да се валка од смеење“, пишува тој.
Дојде време сега тоа да го чита во домашниот, американски печат. Не секогаш толку по насловите колку по содржината. Во Вашингтон Пост неодамна осамна колумна со наслов „Комичарите мака мачат да го пародираат Бајден“ во која авторот Ричард Зоглин, мртов озбилен, тврди дека Џо Бајден е првиот американски претседател кој е неподатлив за потсмевање.
Манирите му биле префинети, држењето државничко, говорот одмерен, немало тука никаков материјал погоден за пародирање. Да, пишува за овој човек:
За иронијата да биде најголема, истиот ден кога беше објавена колумната на Зоглин за „непробојноста на Бајден“ за пародија, човекот не можеше да се сети на името на неговиот секретар за одбрана Лојд Остин а подзаборави и како се викаше Стејт Департментот па го нарече „оној аутфит онаму“.
Кога Бајден реши да не го казнува саудискиот принц Мохамед бин Салман за убиството на новинарот на Вашингтон пост Џамал Кашоги заради проценка дека цената на „нарушувањето на односите со еден од клучните американски сојузници во арапскиот свет“ би била превисока, Њујорк Тајмс смирено напиша “Бајден нема да го казнува саудискиот принц стравувајќи од нарушување на односите“.
Кога истото тоа, со истата таа проценка го направи Доналд Трамп (да го поштеди бин Салман), истиот тој Њујорк Тајмс напиша дека дури и и најблиските соработници на Трамп во Белата куќа се згрозени од таквата одлука.
На сличен начин беше шокантно да се прочита од новинарскиот ветеран Крис Волис како „говорот на Бајден беше најдобриот инаугурален говор кој сум го слушнал.“ Или кога Политико напиша дека е „тешко да се замисли друг современ политичар да одржи таков говор“ (стварно? до толку е тешко да се замисли било кој друг? - М.Т.).
„Овие цртички се релативно безопасни. Работите стануваат зезнати кога се гледа дека тој обид корпоративните медиуми да се подредат на „ерата на морална чистота“ и да станат орган на една партија, доаѓа придружуван со желби за лустрација на политички неподобните. Чистки во редакциите, денинцијантство меѓу колегите, морални осуди, притисок за ревидирање на ставовите и јавно покајување....еден по друг, американските весници како да ги преземаат сите практики од советскиот печат. Како ли ова ќе изгледа после 4 години?“ се прашува Таиби.