Техеран го обвинува Берлин за хемиското оружје на Садам

Иран бара од Германија да прифати одговорност за соработка со режимот на Садам Хусеин за време на Иранско-ирачката војна пред речиси половина век. Хемиското оружје што Садам го употребувал против Иран за време на војната го добивал од германски компании. Холандија веќе осуди бизнисмен што им испраќал состојки за солзавец на Ирачаните.

Вистината мора да победи. Сите што ја поддржаа програмата за хемиско оружје на Садам мора да бидат одговорни. Ја повикуваме Германија да ги објави резултатите од своите истраги за вмешаноста на нејзините компании и државјани во злосторствата на Садам, изјави иранскиот министер Арагчи на конференција во Хаг.

Односите меѓу двете земји се на најниско ниво откако Германија заедно со Франција и Британија во септември поддржа повторно воведување меѓународни санкции за Иран поради непочитување на нуклеарните инспекциски надзори од ОН. Техеран во јуни реагираше и на коментарите на канцеларот Фридрих Мерц, кој израелските напади врз Иран го опиша како „валкана работа што Израел ја прави за сите нас“.

Уште во 2002 година берлинскиот весник Тагесцајтунг објави дека германските компании најмногу придонеле за напорите на Багдад да се здобие со оружје за масовно уништување.

Иран тешко страдаше од хемиските напади на Садам за време на војната од 1980 до 1988 година и носи трајни рани за десетици илјади жртви и нивните семејства. Повиците за правда никогаш не смеат да се заборават, изјави Арагчи.

Тој истакна дека Иран го цени потегот на Холандија, која во 2005 година го осуди бизнисменот Франс ван Анрат поради тоа што неговата компанија му испорачала на Ирак состојки за производство на солзавец. 

Судските истраги на холандските власти доведоа до осуда на еден поединец. Сепак, сите знаеме дека тоа е само врв на ледениот брег, истакна шефот на иранската дипломатија.

И иранските власти се под истрага за користење неидентификуван „зелен гас“ против сопствените граѓани, за време на масовните протести во Џаванруд во 2022 година поттикнати од смртта на Махса Амини – младата жена што беше притворена затоа што не носела шамија во јавноста.

Весникот Билд во 2018 година објави дека Берлин ѝ одобрил лиценца на германска компанија да му продаде на Иран чувствителна технологија, која наводно подоцна завршила во Сирија и им овозможила на силите на Башар ал Асад да извршат напади со хемиско оружје во граѓанската војна.

27 ноември 2025 - 14:01