Денот кога Боуви ги поплави медиумите

Само два дена пред од гаќи да нè извади веста за смртта на Дејвид Боуви, на сајтов ги објавивме неговите одговори на познатиот Прустов прашалник во кои тој ги покажува сите свои чудесии и убавини на неговата неконвенционална мисла. Како помина таа статија? Рамно осум (со бројка 8) Фејсбук споделувања. Два дена потоа, сведочиме за едно масовно "Eдно Боуви имаме, во душава го носиме". 

Но, така е тоа со смртта, не само кај нас. Кога нема секс, и таа добро 'продава'. Нам уште почудна ни беше масовната тажачка по Леми која ја забележавме преку нашиот ин мемориам за него.

"Поплава од трибјути за Боуви ги заплисна светските медиуми", пишува Њузвик бележејќи ја масовната присутност на веста за неговата смрт на електронските медиуми и ерупцијата на социјалните мрежи.

РИП-ови, трибјути, ин мемориами, солзи, 'ја немам више разлога да живим' и слични манифестации на жал и неверување го наполнија интернетот со јачина и радиус каков што одамна немаме забележано. 

Во голема мерка, ваквиот интензитет на веста за смртта на Боуви е и разбирлив, со оглед на нејзината комплетна неочекуваност, а шокот веројатно го зголеми и фактот дека човекот отсекогаш го сметавме за некој кој не подлежи на овоземните правила на живеачка, па следствено и умирачка.

Занимливо е што само неколку дена пред да почине, Боуви го издаде својот албум Блекстар. Глобални агрегирани податоци за тоа како во медиумите помина таа вест, а како веста за неговата смрт нема, но секој може да ја види дискрепанцата барем на некој од македонските агрегатори. Блекстар помина тивко и ограничено во кругот на најверните фанови а смртта стана општонародна тема. 

А албумот на Боуви не е случаен. Тони Висконти, човекот кој има продуцирано многу негови албуми меѓу кои и оние од фамозната берлинска трилогија (Low, Heroes и Lodger) за Блекстар рече дека авторот го има замислено како негов подарок за разделба на своите фанови.

Од Боуви се простија многумина музичари кои го познавале или пак само им бил херој кој им помогнал да го најдат својот јазик и место во музиката. Били Ајдол на пример призна дека го достигнал емотивниот максимум па "речиси заплакал".

Ако некој има сенс како брзо да се шлепа на темите кои предизвикуваат масовен интерес тогаш тоа се политичарите. На таа тема, како политичарите сакаат да се гребат од нашите јунаци, пред некое време објавивме врвна колумна на Анте Томиќ под наслов:
Од кај ви е идејата дека Рундек вам ви се обраќаше?

Британскиот премиер реши дека сега е крајно време со јавноста да сподели дека има пораснато на музиката на Боуви (пусти Камерон, толку неочекувано беше ова од него што еден радио презентер комплетно се збуни па го кажа него како умрен), еден парламентарец од лабуристите гордо навести дека е од исто маало со Боуви а германското министерство за надворешни работи отиде дотаму што му заблагодари на Боуви за рушењето на Берлинскиот ѕид (?!) 

Не следиме македонски политичари па не сме сигурни кој од нив пушти солза или "речиси заплака" по Боуви. Но масовноста на жалта по Зиги не можеше да не се види. Тоа наше "каде сите Турци таму и малиот Мујо" прецизно го забелeжа Миа Костова која на ФБ напиша:

"Ова се оние денови кога сфаќаш дека у Боними сите уствари нарачувале песни од Дејвид Боуви"

На што махерски ѝ терцираше Ирена Ристиќ:

Нема више сууунца, нема више Апсолут бигинерсаааа...

:))

Ви викаме, за Леми беше уште почудно. Статијата "Леми се одјави" помина со близу 700 лајкови! А Леми е, не е Џастин Бибер или некоја Пинк ѕвезда па стварно да ја жалиш. Кој тоа сè го оплака основачот на Моторхед не ни е јасно. Ние контаме дека просто таков бил денот. Немаше одамна некој познат умрено па луѓето неговиот случај масовно го искористија да ја задоволат својата потреба некого да жалат.

Конечниот медиумски биланс кај нас:

Дејвид Боуви одговара Прустов прашалник - 8 ФБ лајкови
Ин мемориам за Леми од Моторхед - 681 лајк

Да завршиме со Боуви. Една од фините идеи која ја видовме наоколу беше онаа на неговиот фан и комичар Еди Изард кој покрена иницијатива сите радија во нормалниот свет (ИСИС не мораат) денеска да пуштаат песни од Дејвид Боуви

Една наша пријателка возејќи се во кола накај работa решила да провери дали идејата се фатила кај нас и пуштила скопско радио. Пеел Владо Јаневски.

11 јануари 2016 - 16:54