Анте Томиќ до политичарите:

Од кај ви е идејата дека Рундек вам ви се обраќаше?

За среќа ние немаме таков проблем. Кај нас Груевски слуша техно (можда ритамот "туп-туп" го потсеќа на неговата работна околина), а Зоки Заев ѝ се клања на Цеца и постира песни од Бора Чорба (бљак + бљак). Но, во Хрватска има политичари кои се повикуваат на рoкенрол. А тоа баш го нервира Анте Томиќ. 

 

Кога некој еднаш посериозно би го анализирал југословенскиот рокенрол, важно би било да се истражи како служењето на воениот рок влијаело врз музичарите, дали сите тие бркотници, врескања, несоници, нечистотии и понижувања ја менувале нивната чувствителност, нивниот вкус и поглед на свет, колку човечки и уметнички ги одредила таа мачна и тешка година, затоа што речиси и да нема музичар или бенд кому кариерата не му се расцепила на два дела, пред и после ЈНА.

Обично помеѓу првиот и вториот албум, штом ќе ја почувствувале почетната слава, ќе излегле на насловна на младински неделник и ќе доживеале врескање во преполниот Кулушиќ и Лапидариј, момците со гитари ги затекнувал модриот препорачан коверт од општинскиот воен отсек, повик тој и тој ден во седум наутро да повелат да се појават на капија на касарна, некаде на другиот крај на нивната социјалистичка татковина, во место за кое до тогаш никогаш не чуле.

Во такво некое Куманово, Бијело Поље или Сурдулица еднаш беше ноќ, регрутите рчеа по спалните, а ходникот смрдеше на пот, крема за чевли, мувла и детерѓент со различна намена на чистење, скратено: ДРНЧ, кога на поспаниот дежурен војник му дојдоа стиховите:

Стани и тргни/Стражарите се отруени, коњите се спремни/Стани и тргни/Маглата се крена, надвор зората се румени

Исправно сфаќајќи дека вакво нешто на воените власти не би им се допаднало, дека мајорот Димитријевиќ, офицерот задолжен за морално-политичка и контраразузнавачка дејност овие редови, не без причина, би ги доживеал како сомнителни и субверзивни, војникот малиот нотес го крие под вешот во лимениот војнички ормар, и не ги покажува сè додека повторно не облече цивилка, кога Хаустор повторно ќе се собере и ќе продолжи онаму кадешто застанал пред 365 денови.

Срѓан Сахер, Дарко Рундек и остатокот од оваа разбојничка банда го снимија својот втор албум во 1984 во Сплит, во студиото Тетрапак и во продукција на генијалниот Жељко Бродариќ Јапа.

Најголемиот дел од материјалот Сахер го имаше напишано во војска. Кога ја завршија песната „Последен поглед на Јершалаим" ја пуштија една саботна ноќ во клубот Шекспир, љубопитно чекајќи како ќе реагираат гостите. „Никој не играше", раскажуваше подоцна Рундек, весело кикотејќи се, иако искуството во моментот кога ова се случило сигурно не му било најпријатно.

Навистина, тоа не беше дискографски бестселер кои би роварел по радиските топ-листи, но не мина ни сосема незабележано. „Трет свет" денес едногласно се смета за ремек-дело, еден од најважните албуми на хрватската и југословенската популарна музика.

Истоимената песна, која го затвора албумот, пред некој ден ја цитираше Гордан Јандроковиќ, парламентарец од Хадезе, бивш министер за надворешни, лојален соработник и на Иво Санадер и на Јадранка Косор и на Томислав Карамарко.

Сахер по „Третиот свет" го напушти Хаустор, песните на двата идни албуми ги напиша Рундек сам. Критичарите обично велат дека се послаби, но јас мислам дека тоа не е така; и „Болеро" и „Тајниот град" содржат некои одлични парчиња.

Тогаш, како и денес, триесет години подоцна, Дарко Рундек е во висока авторска форма. Со исклучок на покојниот Арсен, не знам дали некој наш пејач/песнописец некогаш имал таков континуитет.

На Болеро е песната „Шејн", која неодамна ја цитираше претседателот на владата Зоран Милановиќ:

„Излези и бори се/Во овој град нема место за едeн од нас/Излези и бори се/Улицата е празна/но од прозорците пазат на нас"

Обете песни, и Шејн и Трет свет мене и денес ми се возбудливи како кога ги чув за прв пат. Напротив, тие сега се и подобри, затоа што нашите продукциски стандарди денес се значително пониски. Или барем мене така ми изгледа, а јас, признавам, во ова можеби и не сум целосно непристрасен.

Со децении го обожавам и Дарко Рундек и Срѓан Сахер, ги следам во сите нивни мени, им ги купувам албумите и кога прават чудни нешта. До пред неколку години низ станот ја гледав аудиокасетата во издание на опскурната љубљанска ФВ Заложба со тонскиот запис на групата Ди Ди Мелоу, каде Сахер и друштвото свират преработки на композиции на Телониус Монк и перуански народни песни.

Ги гледам на неколку години, едниот или другиот, обично туркаат некаков распаднат точак преку Цветен пазар. Тогаш застанувам и ги испраќам со поглед, а во себе им се поклонувам, благодарејќи им на прекрасната музика која ја имаат направено и воодушевувајќи се колку биле искрени и храбри сиве овие години, како и во добри и во зли времиња издржувале создавајќи уметност која не ги правела ни богати ни славни.

И не знам, веројатно сум пречувствителен, онака како што веќе обожавателите знаат да бидат пречувствителни, но навистина ме налути дека некаков Јандроковиќ и некаков Милановиќ, двајца партиски конформисти и слабаци, преку весници се препукуваат наведувајќи ги Хаусторовите стихови.

Тоа е навистина невиден безобразлук.

Од каде воопшто на глупаците идеја дека Рундек и Сахер сакале да кажат нешто во врска со нив?

Анте Томиќ

*****************

Бонус: Што слуша Рундек?

9 септември 2015 - 15:58