Британците им затвораат врата на извршителите од ББЦ

Уште пред да биде обелоденет скандалот со пристрасното информирање, ББЦ лани останал покус за половина милијарда фунти, бидејќи незадоволните Британци масовно одбиваат да ја платат задолжителната радио-телевизиска такса. Не помогнало тоа што биле зголемен бројот на извршителите, кои лани 2 милиони пати посетиле домови на неплаќачи. 

Според годишниот извештај на ББЦ, бројот на телевизиски лиценци се намалил за околу 300.000 помеѓу март 2024 и март 2025 година. Таксата сега изнесува 174,5 фунти годишно и таа сума ќе биде задолжителна најмалку до крајот на 2027 година.

Извршителите се жалат дека им станало сè потешко да им ја наметнат на домаќинствата законската одредба да плаќаат лиценца за ББЦ. Луѓето едноставно не им отвораат врата.

Секое осмо британско домаќинство лани не ја платило радиодифузната такса, со што фондот за финансирање на ББЦ останал покус за 550 милиони фунти. Дупката може да се зголеми за уште 617 милиони, бидејќи вкупно 3,6 милиони домаќинства  велат дека немаат лиценца затоа што не им е потребна.

Намалено е учеството на домаќинствата што се претплатени и зголемено е избегнувањето на задолжителната такса. Тоа што корисниците на ББЦ не плаќаат лиценца е неправедно кон огромното мнозинство домаќинства што ја плаќаат, соопшти Комитетот за јавни сметки на Долниот дом на Парламентот.

Моделот на финансирање на ББЦ е под засилена контрола откако пред две недели беше обелоденет скандалот со пристрасно известување на радиодифузниот сервис, кој своевремено беше репер за независно и одговорно новинарство.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со тужба од најмалку 1 милијарда долари поради тоа што ББЦ монтирал негово обраќање за да создаде впечаток дека повикувал на насилен напад врз Капитолот во јануари 2021 година. Поради овој скандал оставки поднесоа генералниот директор Тим Дејви и главната уредничка Дебора Тернес.

За да се засили плаќањето на претплатата, компанијата „Капита“, ангажирана од ББЦ, го зголемила бројот на извршители од 172 на 229 и им ја зголемила квотата за посети на неплаќачи од 7.660 на 8.760 годишно. Ни тоа не дало резултати.

Засилувањето на напорите не доведе до пропорционално зголемување на бројот на домаќинства што прифатиле да платат лиценци. Освен тоа, бројот на лица изведени на суд поради неплаќање се намали за 17,3% на годишно ниво. Долгорочниот пад почна уште од 2017 година, се наведува во извештајот на парламентарниот комитет.

Програмите на ББЦ може да се следат и на платформата iPlayer, за што исто така е потребна лиценца. Но, ова е тешко да се спроведе, бидејќи системот на BBC се базира на список на адреси на домаќинствата, а за регистрација на iPlayer е потребен само имејл. 

21 ноември 2025 - 16:46