Сателитски снимки покажуваат дека BYD го проширил својот производствен капацитет во Женгжоу на површина од 22,5 квадратни километри. Изградбата почна во 2021 година, а производството на електрични автомобили почна во 2023. Лани од халите излегле 545.000 коли, по една на секоја минута.
Но, комплексот постојано се проширува и кога ќе биде скроз готов ќе се простира на 130 квадратни километри, колку централното подрачје на Сан Франциско или два пати колку Мехнетн. Тогаш би имал капацитет да произведува по 1,8 милион нови возила годишно, повеќе отколку сите фабрики на Тесла во светот.
Ќе биде проширена линијата за производство на батерии и заштитни елементи. Веќе е изграден полигон за тестирање, со тркачка патека, прва специјализирана за електрични возила во Кина. Полигонот содржи делница од лизгави базалтни тули, на кои може да се тестира и да се совлада техниката на дрифтање. Изградена е и вештачка падина, како и базен долг 70 метри за тестирање на нов модел коли што можат кратко време да возат под вода.

Покрај ангажирањето роботи, во првата половина од оваа година биле вработени уште 20.000 луѓе.
BYD веќе е најпродаван бренд автомобили во Кина, пред сè благодарение на понудата од евтини електрични и хибридни возила, како Seagull со цена од 8.000 долари. Но, пазарот во Кина стана многу конкурентен, па продажбата падна во септември и октомври.

Новиот предизвик за BYD е европскиот пазар, на кој годинава ја зголеми продажбата за 300%. Компанијата има амбициозни планови до идната година да отвори 1.000 нови продавници во Европа. За таа цел гради фабрики во Унгарија и во Турција, за да го приближи производството до пазарот и да избегне царини.