Пред дваесет години, кога во Босна и во Хрватска сѐ уште тлееја искрите на војната, бугарската историчарка Марија Тодорова ја објави „Замислуваjќи го Балканот“. Во овoj значаен труд таа детално ги објаснува начините на кои Балканот со векови се перципира и се документира дома и во странство - најчесто како некое брутално и нецивилизирано предворје на Европа.
Тодорова овој дискурс го нарече „балканизам“, како омаж на„ориентализмот“ на Едвард Саид - термин што се применува за слично егзотичните, високостилизирани записи за „Истокот“ од страна на научниците, писателите и уметниците од „Западот“.
Таа следи многу форми на балканизмот од извори што се движат од венециските трговски летописи од 16 век, па до експертските мислења во 1990-тите години во „Њујорк тајмс“..
Иако записите варирале во зависност од изворната нација и временскиот период, таа забележува силна заедничка нишка на презир кон Балканот и неговиот народ.
Тодорова ги идентификува Британците како традиционално најмалку импресионирани од Балканот, велејќи дека иако причината е делумно геополитичка бидејќи Британците ја поддржувале Отоманската Империја за време на Балканските војни за независност, викторијанските поими за „цивилизација“ исто така одиграле улога - и самите вкоренети во долготрајните идеи за социјален дарвинизам, научен расизам и колонијална супериорност.
Во доцниот 19 век, Џорџ Бернард Шо ги разгневи Бугарите со својата претстава „Оружјето и Човекот“, прикажувајќи ги луѓето како неуки и на граница на варварството. Мери Едит Дурам, Британка што патувала низ регионот на крајот на 20 век, ги опиша Србите како „глодари“ и ги повика сите просветени народи да се кренат против „балканскиот Словен“ и неговото „проколнато“ христијанство.
Неколку патеписи од истиот период содржат расистички конотации, оценувајќи ја богатата мешавина на култури, јазици и етнички групи во регионот како одвратна. Дури и кога странските извештаи беа позитивни, тие го стереотипизираа локалното население како „добтродушни дивјаци“.
Дури и по Втората светска војна, кога стереотипизирањето на цели нации и народи стана мошне деликатно, балканизмот продолжи.
Во 1990-тите еден колумнист во Њујорк тајмс некако заборави дека се има случено холокауст, и тоа во Западна Европа, па Балканот го истакна како „единственото место во Европа“ каде што луѓето може да бидат убиени поради настани што се случиле пред многу векови.
Кога регионот кон крајот на минатиот век го погоди нестабилност, наративот за Балканот како нетолерантен и насилен се врати, до тој степен што американскиот новинар и автор Роберт Каплан дури го обвини Балканот за нацизмот, изјавувајќи дека токму од јужните Словени „Хитлер научил како да мрази“. И покрај тоа што разгневи некои интелектуалци од регионот, делото на Каплан беше влијателно и масовно читано во 1990-тите.
Две децении по „Замислувајќи го Балканот“ и откако стабилноста се врати во регионот, дали воопшто уште има поента да се дискутира за балканизмот?
Некои балкански држави, како што се Хрватска и Бугарија, веќе ѝ се приклучија на ЕУ, а неколку други чекаат како потенцијални кандидати. Членството често се смета за знак на цивилизираност, па дури и во земјите што не се членки, политичарите ги верглаат пораките на ЕУ за толеранција, стабилност и напредок.
Некои клучни поединци предизвикаа заинтересираност во западните медиуми - Еди Рама, албанскиот премиер, изложуваше свои цртежи на Биеналето во Венеција, додека Ана Брнабиќ, српската отворено геј-премиерка, стана глобална тема во јуни (и покрај обвинувањата дека Србија со тоа ја прикрива својата вистинска домашна политика).
Неодамнешниот регионален туристички бум, овозможен од евтините летови, сместување и пиво, ја покажа вистинската слика. Милиони туристи секоја година гледаат дека балканските келнери не се ништо поголеми дифтари од оние во шпанските градови или во британските одморалишта. Разновидните локални уметнички сцени имаат годишни манифестации на Сараевскиот филмски фестивал, Докуфест во Призрен и собирот во Гуча.
Сепак, непотребно навредливите асоцијации на војна, насилство или сиромаштија сè уште карактеризираат огромен број написи за современиот Балкан - особено за државите што некогаш ја сочинуваа поранешна Југославија. Во статиите се спомнуваат мажи-силеџии и жени спонзоруши, алчни по пари и натопени во шминка.
Пред Бугарија да се приклучи на отворениот пазар на трудот во 2014 година, британските таблоиди неуморно работеа да ги прикажат овие свои сожители-Европејци како вагабонти што крадат работни места.
Минатата година, во периодот пред референдумот за брегзит, во серија написи британските гласачи беа предупредувани за последиците од проширувањето на ЕУ, постојано укажувајќи на зголемено насилство.
Во април 2016 година „Сан“ објави статија за пристапот на Босна и Херцеговина со наслов „Не им дозволувајте да влезат!“, опишувајќи дека Босна е легло на радикалите, дека знамињата на ИСИС се веат низ целата земја, прикажувајќи фотографии од вооружени џихадисти.
Иако „Сан“ не е олицетворение на интелектуалните анализи, балканистичките наративи не се ограничени на жолтиот печат.
Еден напис во „Економист“, насловен „Тепачки и грабежи“, анализира книга за црногорската историја, во која авторот се прашува дали „тепачките и грабежите ги предодредила историјата“, па ги правеле „прапрадедовите на нацијата пред нив, а ќе ги прават и нивните синови“.
Дури и во либералните кругови, Меланија Трамп е предмет на стереотипизирање како „невеста од каталог“ поради нејзините словенечки корени. Неодамна, многу почитуваната дама Хелен Мирен ја коментираше „темната словенечка душа“ на Трамп, додека Џој-Ен Рид, водителка на МСНБЦ, го споменуваше „советското (?!) југословенско“ потекло на сопругите на Доналд Трамп како доказ за неговата блискост со Русија.
Да ги оставиме настрана неуките ѕвезди, дури и оние што го знаат регионот понекогаш впливуваат во водите на балканизмот. Се згрчив кога прочитав еден неодамнешен напис на Балкан инсајт од автор што долго време го познава регионот, кој српските мажи ги нарече „митски влакнести ѕверови“, а зборуваше и за опсесијата на српските жени со шминката.
Освен што е лоша форма и е интелектуално мрзлив, интернационалниот балканизам, за жал, има последици во реалниот свет - презирот и незнаењето навлегуваат дури и во баналните лични интеракции.
Балканизмот го роди најлошиот тип турист - оној што откако ќе прочита една книга и ќе помине неколку дена во регионот, почнува „западњачки да му ги објаснува“ (англискиот јазик има супер збор за тоа: Westplaining) историјата и политиката на локалното население.
Тој предизвикува инаку љубезни луѓе редовно да ги прашуваат младите жители дали ги мразат своите соседи или дали нивните семејства се во мафијата.
Како и сите стереотипи, тој со незграпни потези ги брише бескрајните индивидуални нијанси и истории. Луѓето на Балканот мора да работат напорно за да покажат дека нивниот дел од светот, и покрај сите свои недостатоци, сепак е достоен за почит и разбирање.
Сепак, овој вид странски балканизам е на исто рамниште, а можеби е и надминат од оној што е овековечен на самиот Балкан. Домашниот балканизам се манифестира во регионалното клеветење на терминот „Балканот“. Луѓето инсистираат на тоа дека ѝ припаѓаат на „Централна Европа“ и обично шират негативни стереотипи за своите соседи, со кои ја споделуваат историјата и добри делови од својата култура.
Српските либерални кругови редовно се жалат на „балканскиот менталитет“ како на причина за нивните зла.
Традиционалистите често го користат стереотипот како изговор за мачоизмот и шовинизмот, а зголемениот туризам значи зголемени можности идентитетот да го рекламираш преку „искуства“ како што е пиењето ракија, па сè до понижувачките „сафарија“ низ ромските гета.
За жал, балканизмот преживува бидејќи е премногу корисен. Како што напиша германскиот есеист Херман фон Кејзерлинг (парафразирајќи го Волтер): „Ако Балканот не постоеше, ќе беше измислен“.
Тодорова претпоставува дека за странските балканисти, регионот служи како платно на кое ги проектираат сопствените преокупации, било сиромаштијата, насилството или нетолеранцијата.
За жал, додека во тековниот либерален демократски поредок почнуваат да се појавуваат пукнатини, од хаосот со брегзитот до Шарлотсвил, балканизмот може да исчезне - не затоа што Балканот станал „позападен“, туку затоа што „Западот“ сфаќа дека е „балканизиран“, пишува Срѓан Гарчевиќ во Балкан инсајт.