
Компанијата Илај Лили го претстави своето ново апче за слабеење, за кое тврди дека може да намали 12% од телесна тежина за 72 недели и сериозно ќе им конкурира на ултрапопуларните инјекции за слабеење. Производителот се надева дека до крајот на оваа година ќе добие лиценца и дека ќе лекот би можел да биде достапен следната година.
Апчето за дневна употреба орфорглипрон делува така што го потиснува апетитот и го забавува варењето на храната. Било тестирано на 72-неделна студија со која биле опфатени повеќе од 3.000 луѓе. Оние кои ја примиле највисоката доза - 36 милиграми орфорглипрон - изгубиле во просек 12,4% од телесната тежина, во споредба со само 0,9% од контролната група.
Испитувањето покажало и други здравствени придобивки – намалување на холестеролот и спуштање на крвниот притисок.
Лекот ќе има јака конкуренција. Данскиот фармацевтски гигант Ново Нордиск, кој по пласирањето на лековите оземпик и вегови стана најбогата компанија во Европа, поднесе на одобрување нов орален лек за слабеење, за кој тврди дека овозможува да се изгубат околу 15% од телесната тежина за 64 недели.
Илај Лили на пазарот ја има својата инјекција мунџаро, која се дава еднаш неделно и првично беше наменета за регулирање на шеќерот во крвта кај луѓе со дијабетес тип 2. Со мунџаро се губи 22% од телесна тежина, но апчето би било многу поприфатлива и поевтина алтернатива.
Оралната терапија што може да се зема еднаш дневно би можела да поддржи рана интервенција и долгорочно управување со болести, а воедно да понуди и погодна алтернатива на инјектирачките третмани изјави Кенет Кастер, претседателот на Илај Лили.
Докторот Сајмон Корк од Универзитетот Раскин предупредува дека прелиминарните резултати за ефикасноста се „позитивен чекор напред“, но треба да се толкуваат со претпазливост.
Ефектите за губењето тежина не се толку длабоки како оние кај инјекциите како Вегови, со помал процент на губење на тежината и помалку луѓе што постигнуваат резултат од 10% со највисока доза, вели Корк.