
Уставниот суд на Франција го блокира законот за употреба на инсектицидот ацетамиприд. Пресуди дека користењето на отровната хемикалија е спротивно на „Повелбата за животната средина“, која е вградена во Уставот на Републиката.
Одлуката е голем удар за владата, катастрофа за производителите на цвекло, но и победа за граѓаните кои во редок чин на единство во политички поделената земја масовно протестираа и бараа забрана на инсектицидот. На петиција за десетина дена се потпишаа рекордни 2 милиона луѓе.
Неоникотиноидите, класата на хемикалии на кои припаѓа ацетамипридот, беа забранети во Франција во 2020 година со добра причина. Имаат убиствени ефекти врз популациите на пчели. Според Европскиот орган за безбедност на храната, овие хемикалии се поврзуваат со тахикардија, хипотензија, хипотермија, респираторни проблеми, еректилна дисфункција, неплодност кај мажите, невромускуларна парализа, конвулзии, кома, а во ретки случаи и смрт.
Законот Дуплом, наречен спореди конзервативниот сенатор што го предложи, беше претставен во парламентот како обид да се ослободат француските земјоделци од бирократските ограничувања и нелојалната странска конкуренција поврзана со пестицидите.
Одгледувачите на цвекло и на лешници тврдат дека немаат алтернативно средство против штетниците. Ацетамипридот, кој е дозволен во други земји од ЕУ, помага и во борбата против „жолтите вируси“, кои во 2020 година ги намалија приносите за 30%. Земјоделците лани организираа големи протести против забраната на инсектицидот.
Европската Унија во 2020 година забрани три вида неоникотиноиди, но не и ацетамипиридот, за кој оцени дека е „помалку токсичен“ и дека „побрзо се разградува во почвата“.
Елисејската палата објави дека претседателот Емануел Макрон ја има предвид одлуката на судот и дека ќе почека парламентот да го прилагоди текстот на заклучоците. Со други зборови, ацетамипридот ќе биде забранет.