На конвенцијата на Демократите од 2012, Мишел Обама изјави:
„Да си претседател не го менува тоа што си, туку го разоткрива“.
Истражувањата од областа на когнитивните науки покажуваат дека поранешната прва дама е во право.
Моќта има вакво влијание бидејќи нè ослободува од зависноста од другите, ни овозможува да ги игнорираме нивните грижи и да ги спроведеме нашите цели. Екстремот на овој ефект е „затруеност“ со моќ која целосно заслепува. Позната е изреката на историчарот лорд Актон, дека моќта корумпира, а апсолутната моќ корумпира апсолутно. Иако звучи како универзален и несомнен „труизам“, сепак ова не е толку едноставно. Има неколку „столбови“ на личноста од кои зависи како ќе се развива приказната откако таа ќе добие моќ, меѓу кои најзначајни се нејзините морални вредности, желбата за моќ, степенот на индивидуализам и генералниот табиет.
Според холандска студија објавена минатата година, спроведена помеѓу 225 менаџери, оние кои котирале највисоко на скалата на „макијавелизам“ од страна на нивните потчинети биле оценети како луѓе што сакаат да малтретираат и да се изживуваат. Оние со низок морален идентитет, кои и пред да добијат моќ од каков и да е вид не биле фер, љубезни и чесни, во текот на истражувањата се покажуваат како уште посебични, а оние со високи морални вредности стануваат повеликодушни. Желбата за моќ влијае врз тоа како истата се употребува: колку многу ја посакуваш и заради кои причини. На пример мотивот за доминација („Сакам да давам наредби“) ги маргинализира талентираните во групата и тимската работа на сметка на сопствената позиција. Но желбата за престиж („Сакам да имам важно работно место за луѓето да се угледуваат на мене“) не секогаш ја зголемува ваквата себичност.
Заради сето наведено, сфаќањето според кое секоја моќ ги корумпира ама баш сите бара преиспитување. Таа може и да облагороди, и некои луѓе да ги направи и подобри отколку што биле, односно да им даде шанса да се претстават во најдобро светло. Но проценката треба да се направи пред да му се даде моќ на некого да решава судбини на голем број луѓе (како државник, верски водач или менаџер на голема компанија). Во спротивно, ризикот за корумпирање останува голем.