За убиството на Новак, Британски суд во понеделникот му изрече казна доживотен затвор на Викрум Дигва, 23-годишен Сик роден и израснат во Саутемптон. Ќе мора да отслужи минимум 21 година затвор.
Ноќта на 3 декември минатата година тој по кратка караница го нападнал Новак, 18-годишен студент на прва година и пет пати го прободел со церемонијален нож долг 21 сантиметри. Потоа ја повикал полицијата и лажно се претставил како жртва на „расистички напад“.
Иако интервентната полициска патрола видела дека момчето облеано во крв лежи беспомошно на земјата, ја следела официјална процедура и му ги врзала рацете со лисици и го влечеле по земја за да го приведат. На снимката што беше обелоденета на судскиот процес против Дигва јасно се слуша како Новак девет пати повикува „Не можам да дишам!“, но полицајците не му укажале итна помош. Кога конечно му укажале прва помош, повеќе не можеле да го спасат. Новак починал на местото на настанот.
Дигва го бодел Новак со церемонијален нож со сечило од 21 сантиметар. Должност на Сиките е постојано да чуваат на себе кирпан - мал церемонијален меч или бодеж. Тоа е еден од петте симболи на верата, а името му доаѓа од зборовите кирпа (милост) и аан (чест). Повеќето посветени Сики носат мало ноже како приврзок на ланче, но Дигва имал манија по ножеви. Локалниот храм на Сиките во Саутемптон пред три години го обвинил дека украл церемонијални ножеви во вредност од 1.000 фунти.
Објавувањето на снимката поттикна протести во Саутемптон. Млади демонстранти напаѓале полицајци, обвинувајќи ги за смртта на студентот. Политичарите, пак, реагираат на полициските процедури, за кои тврдат дека се повеќе насочени за заштита на „инклузивноста“ отколку кон животот на луѓето.
Полицајците што го приведувале Новак биле на задолжителна обука за различност, која ја поминале 6.250 полицајци и вработени од полициското одделение во Хемпшир. Ревизија на еднодневниот курс на Универзитетот во Рединг со наслов „Важна е инклузијата“, откри дека повеќе од еден од седум полицајци биле притисок „да се однесуваат на специфичен начин“. Курсот опфаќал теми како расизам, несвесна пристрасност, привилегии и „важноста да се биде сојузник“.

Националниот совет на шефовите на полицијата објави дека го преиспитува Акциониот план против расизам од 2022 година, кој предвидува различен пристап кон осомничените врз основа на нивната етничка и верска припадност.
Уште во предговорот на планот е наведено дека убиството на Џорџ Флојд од страна на полицаец во Минеаполис во 2020 година „било катализатор за изразување длабока загриженост за социјалната неправда што ја доживуваат Црнците“. Не е спомнато дека тоа убиство се случило во друга земја, во друго општествено опкружување и во сосема поинаков контекст. Убиството на Флојд било употребено како пример за наметнување кампања на различност, еднаквост и инклузија во британските полициски сили, со акцент на расизмот.

До 2025 година акциониот план за раса бил ажуриран со експлицитни упатства за поинаков третман на луѓето од етничките малцинства од белите луѓе. Во него се наведува дека „еднаквоста не значи третирање на сите исто“ и не значи „расна еднаквост“.
Ова е имплицитно отфрлање на основниот принцип на полициската работа да се дејствува без страв или наклонетост и има потенцијал да предизвика колапс во одржувањето на редот - вели Дејвид Спенсер, поранешен детектив во Метрополитен полицијата.
Како основа за акциониот план послужил и Принципот „Макферсон“ од 1999 година, усвоен по убиство на црниот тинејџер Стивен Лоренс во Лондон. Овој принцип налага секој инцидент треба да се истражува како „расистички“ ако има макар и мала основа за тоа. Заклучокот од тој извештај беше дека Метрополитен полицијата е „институциски расистичка“. И тој не е променет три децении.