Наспроти секојдневниот ризик да предизвикаат меѓународен ексцес заради грешки во преводот, службата за преведување на ООН функционира извонредно складно.
Сепак, шефот на оваа служба ја спомнува Македонија како една од ретките теми кога заради нив била дигната паника.
"Некој од делегатите зборуваше брзо и наместо официјалното 'Поранешна Југословенска Република Македонија', за да го стигне говорникот, преведувачот кажа само 'Македонија'. Грците веднаш се дигнаа на нозе, беа гневни. Морав буквално да седнам позади грчкиот претставник и обилно да му се извинувам затоа што сме направиле ужасна и непростлива грешка", се сеќава првиот човек на оваа служба Хосам Фар.
Тој вели дека една од најголемите дилеми кај неговите луѓе е што да се прави кога ќе се слушне збор кој не се разбира: дали да го премолчат или да кажат нешто што им личи соодветно на контекстот на говорот.
"Најчесто се решаваме да го одмолчиме непознатиот збор, меѓутоа, не можеш цело време да ќутиш," вели 54 годишниот Фар, ветеран во оваа служба.
Според правилата на Обединетите Нации, говорниците можат со себе да донесат и свој преведувач, се додека тој говори на еден од официјалните јазици на организацијата на кои се преведуваат сите документи -арапски, кинески, англиски, француски, руски и шпански.
На преведувачите им е најлесно кога пред себе имаат напишан говор, но и тогаш е можно да е потребна импровизација, како кога не стигнал преведувачот од фарси на иранскиот претседател, па англискиот преведувач почнал да го чита говорот, без да знае дали и колку е синхронизиран со актуелниот говор.
"Втората година од мојата служба ми се случи непријатна грешка: тема беше апартхејдот и јас ги помешав Шведска со Јужна Африка. За среќа, приметив како рускиот делегат веднаш дигна веѓа и одма се поправив", се сеќава главниот преведувач за руски Виталиј Шевлак кој во ОН работи 25 години.