интервју со Душан Ковачевиќ

Овде животот не е важен, имаме ние и побитни проблеми

Парите се проблем, но поголем проблем е сознанието дека она што вчера беше срамота, денес се смета за доблест, а простаклукот стана мерило на вредноста, вели авторот на Маратонци.

"Неверојатна е сличноста на случувањата од првата половина на 19-от век со денешните времиња", вели култниот драматург Душан Ковачевиќ, кој со театарот Звездара подготвилe претстава по повод 150 годишнината од раѓањето на Бранислав Нушиќ а најавуваат и театарски животопис на Јован Стерија Поповиќ. Вториов во тестамент има изнудено неговото дело "Родољупци" да не се изведува најмалку 50 години од неговата смрт, плашејќи се дека таа може да му нанесе штета на неговото семејство.

- Таа драма е нашата голема приказна за цензурата и автоцензурата, во сите облици на живот. Татко му на Стерија сакал син му да оди во Виена за да не биде пискарало во некоја небитна земја. Но, тој ја баталува Виена и доаѓа во Белград, почнувајќи со реформи во сите институции на културата, сè додека не се замерува со луѓето од власта кои го депортираат во родниот крај за таму, со татко му на смртна постела да го размрси тој јазол кој му го имаат направено политичарите. Драмата е трагикомична расправа на татко и син; едниот малку жив, другиот малку мртов.

А ние сме малку живи или малку мртви?

Има денови кога сме живи, кога живнуваме. Обично вака, околу празници. Инаку, поголемиот дел од времето го минуваме чекајќи го животот.

Како стојат работите во културата?

Одлично. Нема никаков проблем бидејќи нема култура. Отстранета е затоа што предизвикуваше дополнителни и непотребни проблеми.

Како тоа мислите?

Во сериозните земји, културата е сериозна работа. Кај нас е налик на Потемкиново село, ја има, а ја нема. Илузионистички перформанс.

Што велите на полемиките околу законот за култура?

Грубо кажано, со законот се предвидува темелна реконструкција на културата. Тоа е предлогот, така пишува на таблата. Меѓутоа, постои еден проблем: пари за таа "реконструкција" нема, а и она малку што се одвојува од вкупниот буџет се дели на оние кои се поблиску до шефот на кујната. А не се само парите проблем.

Туку?

Поголем проблем е сознанието дека поимот и вредностите на културата исчезнуваат, дека некултурата се избори во сите видови на живот. Она што до вчера беше срамота, денес се смета за доблест а простаклукот стана мерило на вредноста и пат по кој треба да одиме, по угледот на мнозинството богати и славни. Што повеќе ви треба денес освен богатство и слава? Која тоа вредност уште им е потребна на генерациите кои растат на цврстите и моќни темели на некултурата, невкусот, простаклукот?

И што правиме сега?

Да гледаме некако да преживееме, да опстанеме потпирајќи се на самите себе, додека неприликите во светот не се средат а од нив зависиме бидејќи дозволивме секогаш некој друг да нè храни, облекува и воспитува. И, се разбира, да се надеваме дека наспроти сè, младите и паметни луѓе ќе останат во земјата и со некои нови идеи ќе ја обноват Србија, сама себе да се почитува и издржува. Верувам и знам дека секогаш сме биле најдобри кога ни било најлошо.

Имате кажано дека во Србија постојат пет годишни времиња (пролет, лето, есен, зима и војна). Во кое годишно време сме сега?

Во бриселско. Во времиња на преговори кои мора да бидат конструктивни, ефикасни, креативни, компромисни, прифатливи, толерантни, добронамерно ултимативни.... со рокови кои мора да ги почитуваме а крајот не им се гледа.

И така секогаш ќе биде и секогаш било, само што "централата на одлучување" се селела од една земја во друга, од град во град, Од Цариград до Виена и Москва, Лондон, Вашингтон....

Дете од прво одделение го воспитува и го тепа кој стигне. 

5 јануари 2015 - 12:02