Условите на Путин: Цел Донбас, нема НАТО, нема западни војници

Владимир Путин бара Украина да се откаже од целиот регион Донбас, од амбициите за влез во НАТО, да остане неутрална и да не стапнат западни трупи во земјата, изјавиле за Ројтерс три извори запознаени со ставовите на Кремљ. Отстапката што Путин ја прифатил на средбата со Трамп било откажување од териториите на Херсон и Запорожје што сега не се под руска окупација.

Претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп не кажаа ништо конкретно за деталите од тричасовниот состанок зад затворени врати во Алјаска пред една недела. Во најдеталното известување досега од Русија за понудата на Путин на самитот, Ројтерс ги исцрта контурите на она што Кремљ би сакал да го види во евентуален мировен договор за крај на војната во која загинаа стотици илјади луѓе.

Руските извори велат дека Путин направил компромис во врска со територијалните барања што ги објави лани во јуни, кога од Киев побара да ги отстапи сите четири провинции што Москва ги смета за дел од Русија: Доњецк и Луханск (односно Донбас) во источна Украина, плус Херсон и Запорожје на југ. Киев ги отфрли овие услови како еднакви на капитулација.

Во својот нов предлог, рускиот претседател инсистира Украина целосно да се повлече од деловите на Донбас што сè уште ги контролира. За возврат, Москва би прифатила разграничување по сегашните линии на фронтот во Запорожје и Херсон.

Руските сили сега контролираат околу 88% од  територијата на Донбас и 73% од териториите на Запорожје и Херсон, според американските проценки и податоци од отворени извори. Москва е исто така подготвена да ѝ ги врати на Украина малите делови што ги контролира во регионите Харков, Суми и Дњепропетровск.

Путин, исто така, се држи до барањата Украина да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО, а од Алијансата да се обврзе дека нема да се шири понатаму кон исток. Кремљ, исто така, не дозволува трупи од членки на НАТО да бидат распоредени во Украина како дел од идните сили што ќе го чуваат мирот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано ја отфрла идејата за повлекување од меѓународно признаената украинска територија. Тој вчера повтори дека украинските воени утврдувања во индустрискиот регион Донбас се тврдина што спречува подлабоко навлегување на руските сили. 

Не можеме да го сториме тоа. Најсилните одбранбени линии се клучни за опстанок на нашата земја, изјави Зеленски.

За пристапувањето на Украина кон НАТО тој забележа дека е стратешка цел загарантирана во Уставот и ја оцени како „најсигурна безбедносна гаранција“.

Политикологот Самуел Чарап од аналитичката група за глобална политика RAND вели дека условот за повлекување од Донбас е политички и стратешки неприфатлив за Киев.

Отвореноста на Трамп кон мировно решение под услови што се категорично неприфатливи за другата страна повеќе е сценски настап отколку знак за вистинска подготвеност за компромис. Единствениот начин да се тестира тој предлог е да почне сериозен процес за да се разјаснат  деталите, вели Чарап.

Изворите на Ројтерс, сепак, тврдат дека самитот во Алјаска ја отворил најдобрата шанса за мир. Путин првпат откако почнала војната покажал подготвеност за отстапки.

На Трамп му беше пренесена пораката дека Путин е подготвен за мир преку компромис. Ако Украина не е подготвена да ги отстапи деловите од Донбас, тогаш војната ќе продолжи. Постојат два избора: војна или мир. Ако нема мир, ќе има уште војна, изјавил еден извор. 

22 август 2025 - 12:40