Ќе се проверуваат сите што поседуваат американска виза

Администрацијата на Трамп продолжува да игра пресинг со имиграцијата. Првично се фокусираше на нелегалната, но сега се проширува и на легалната миграција, оние кои се таму со туристичка, работна или студентска виза. Ги има вкупно 55 милиони и сите нивни случаи ќе бидат прочешлани, вклучувајќи и тоа што објавуваат и споделуваат по социјални мрежи. 

Само во фискалната 2024 година, Стејт департментот издал близу 11 милиони привремени визи, оние кои не вклучуваат постојан престој или „зелени карти“. Огромно мнозинство од овие визи, 77 проценти, биле за бизнис или туризам а околу 7 проценти за студенти или академски лица и нивните семејства.

Стејт департментот сега најавува дека ќе започне со нов процес на „континуирана проверка“ на оние кои веќе имаат визи која ќе им овозможи на службениците да ги поништат визите доколку имаат информации за неподобност или злоупотреба- пречекорување на визи, криминални активности или врски со тероризам. 

Доколку се процени дека некое лице не е подобно за понатамошен престој во САД, неговата виза ќе биде поништена а лицето депортирано. 

Досега фокусна точка за администрацијата беа студентските визи; неделава беше објавено дека се поништени над 6.000 студентски визи поради пречекорување на дозволениот престој и прекршување на законите, вклучувајќи околу 200 до 300 на тема „тероризам“.

Службите признаваат дека во пракса, процесот на повторно проверување на лицата со виза веројатно ќе се покаже како долготрајно и логистички комплицирано.

Особено затоа што Стејт департментот воведе и нови нови критериуми во ре-ветингот, вклучително и преглед на активностите на социјалните медиуми во кои за непростливи гревови се сметаат две работи: непријателство кон САД и антисемитизам.

22 август 2025 - 11:33