Mеѓупразнична Букбокс читанка

„КАКО СЕ ИЗЕДОВ СЕБЕСИ“ од Воки Костиќ

Со искрена тага го оверувате фрижидерот – руската салата фатила темна кора, свинското се исушило, сармата го загубила својот сјај. Детето три дена ви јаде храна од пакетче, не ви е ќеф дури ни да му украдете од крем-бананите.

„Многу арно не е на арно", си велите, жалејќи што не бевте поскромни, какви што ќе морате да бидете следните месеци. Како низ полусон се сеќавате на вашата разузданост, чувствувајќи вина додека ги гледате репортажите за семејствата кои за Нова година немале ни за леб. Имате пријатели кои и на 'најлудата ноќ' издржаа да постат. На врв на сè, вагата подмолно го регистрирала сето она кое вие одрекувате дека сте го направиле. Се јадете живи, оти толку сте јаделе. И стресот го лечите со..уште малку од штрудлите.

Има луѓе кои јадат за да живеат, има други кои живеат за да јадат. Воислав-Воки Костиќ, српскиот композитор, музичар и писател (најпознат по музиката за „Ко то тамо пева" и „Балкански шпиун"), до својата 50-та бил од вторите. Неговиот добар пријател, Душан Ковачевиќ, вели дека за него не се знае дали поубаво јадел или готвел. Но на 1. мај 1982, кога пријателите му се подготвувале за јагнешко и скара, Воки одлучува да почне со диета. После една година спаѓа на 75 кила. Болно педатен, како што самиот се опишува, тој и во текот на периодот на гастрономска раскалашност, и оној на „јадење на самиот себе", ги запишува не само рецептите и советите за слабеење, туку и анегдотите поврзани со нив.

Резултатот е книга од 700 страници, поделена на три дела: 130 кила горе (505 рецепти за качување на килажата), 55 килограми доле (50 рецепти за симнување на истата) и 5 кила горе-доле (совети за одржување на посакуваната тежина). „Како сам појео себе", издадена 1986 во 10,000 примероци (!), многумина ги потсетува на младоста и боемството. Но дури и да не знаете кој бил Воки Костиќ, и да не сте по готвењето, книгата сигурно ќе ви биде забавна, со нејзиниот речиси наивен хумор и бескрајната почит кон храната како институција.

Син на познат сексолог и докторка-педијатар („најнаучно правеното дете во Југославија"), Воки како мал ич немал апетит. Плукал сè што ќе му ставеле во уста, па неговите му смислиле финта – го хранеле гол во када. Но веќе на 25 некогаш неухранетото дете е формиран гурман: лажејќи дека му е за носење женски, позајмува клуч од гарсоњера за таму сам да си готви (и јаде) телешко, со ориз и пармезан. Едвај вовлекувајќи се во семејната „пеглица", Воки станува вистински „вицмахер" на сметка на сопствената килажа. Во белградските кругови уште се раскажува за натпреварот во јадење помеѓу него, Света Лукиќ и Влада Булатовиќ (судија бил Љуба Тадиќ) кој се одржал во Клубот на писателите, каде Воки последен 'посустанал', бутајќи огромни количини пилешко на жар.

Она што го одделува Воки од повеќето 'ждерачи' е што тој всушност никогаш тоа и не бил – аристократски префинет во однос на вкусовите, мирисите и боите (еднаш направил италијански оброк – супа, главно јадење, десерт и вино – сè розево), тој е вистински гастрономски естет. Затоа и не е чудно што на почетокот на диетата доживеал психолошки крах. Духовитоста му исчезнала, движењата му се забавиле, почнал да пишува само посмртни маршеви. Но присетувајќи се на Бетовен кој од 48. година компонирал глув, а Бах од својата 64. потполно слеп, тој со своите 51-ва се запрашал зошто не би компонирал – гладен?

Воки почина пред неколку месеци, а до неговата книга која одамна ја нема по книжарниците дојдовме со наддавање на интернет аукција (фала Лео!). Во прилог неколку рецепти од неа, кои или ги испробавме или ни се видоа интересни, заради името, содржината или варијацијата во состојките. Нека ви се најдат и за стара Нова, а потоа – оние за диета! 

ЧОРБА ОД СИРЕЊЕ

60 г путер
2 парчиња сирење Зденка
350 г разни сирења (гауда, едам, трапист)
1 коцка говедска супа
3 супени лажици брашно
бел бибер
200 г кисела павлака
магдонос
вода

Пропржете го брашното на путерот но без многу да потемни. Додавајте малку топла вода да стане чорбесто, и во течноста раздробете ја коската супа. Варете околу 5 минути.
2 парчиња сирење ставете ги во чорбата да се варат и постојано мешајте. Ако е густо додадете уште малку вода. Најдобро е да матите со миксер. Потоа, постојано мешајќи, ставете го биберот и 350 г разни сирења, изрендани.
Во сад во кој ќе ја служите чорбата изматете 200 г кисела павлака со ситно сецкан магдонос. Врз тоа налејте ја врелата чорба, мешајќи. Служете додека е топло.

ПАЛАЧИНКА ОД МАКАРОНИ

300 г кратки макарони
½ кг домати
2 јајца
200 г овчо сирење
4 лажици маслиново масло
½ лажица иситнет босилек
Сол
½ лажица шеќер
Бибер

Загрејте 2 лажици зејтин, додадете го излупените и изгмечени домати, босилекот, солта, биберот и шеќерот. Варете половина час.
Сварете ги макароните, исцедите ги и помешајте со сосот од домати. Оставете ги да се оладат. Додајте ги јајцата и изгмеченото сирење. Сето добро измешајте го.
Во голема тава, на загреани 2 лажици зејтин, истурете ја масата од макарони. Порамнете ја како голема палачинка. Добро испечете ја да добие кора, од обете страни.
Служите топло, млако или студено.

РУСКА САЛАТА НА ВОКИ

Домашен мајонез од 3 јајца и 3 децилитра зејтин
200 г кисела павлака
100 г шунка
2 компири
6 моркови
2 јајца
4 кисели краставички
Сенф
Сок од ½ лимон
Сол
Бибер

Сецкате, мешате и ставате во фрижидер.

(во оваа верзија на руската нема грашок, бидејќи тој според авторот ја прави салатата брашнеста)

ТАШТИНА САРМА (тешко дека е сарма од тештата, веројатно е повеќе 'суетна сарма';)

2,5 кг кисела зелка
200 г кромид
½ свинско месо
2 децилитра зејтин
½ кг јунешко месо
80 г ориз
200 г сува сланина
3 јајца
200 г суви колбаси
2 дц кисела павлака
1 лажица зачин Ц (зачин Ц, бе!:)
4 листови ловор
1 магдонос
1 лажица црвен пипер
Сол

Пропржете ги кромидот, меленото месо, оризот, јајцата, солта, биберот, зачинот, црвениот пипер и ситно сецканата сланина. Во листовите зелка завијте мали сарми. На дното на садот прво ставете ситно исецкана зелка, потоа ред сарма, ред сецкан колбас, повторно ред сарма, ред мелено месо и така по ред додека имате материјал. На врвот на садот ставете неколку листа ловор, десетина зрна бибер, разматена кисела павлака, налејте со вода и поклопете. Ставете во рерна, на умерена температура да се пече 5 часа.

СРЕДНОВЕКОВЕН КРЕМ ОД СВИНСКА КРВ

50 г путер
200 г чоколадо
250 г шеќер
100 г брашно
½ литро СВЕЖА свинска крв (!!)
1 чаша вишњевача

Во тенџере внимателно растопете го путерот со чоколадото. Постојано мешајќи, додадете го шеќерот и брашното. На крај додадете свинска крв. Мешајте додека масата не се воедначи. Кремот не смее да проврие. Штом ќе го тргнете од рингла, веднаш ставете ја вишњевачата, мешајќи.
Кремот ставете го малку во фрижидер а потоа служете го.

А СЕГА НЕШТО СОСЕМА ПОИНАКВО

РЕЦЕПТИ ОД ПОГЛАВЈЕТО ЗА СЛАБЕЕЊЕ

Мокров, рендан

400 г морков
сок од 1 лимон

Измијте ги, исчистете ги и изреднајте ги мокровите. Залијте ги со сок од лимон.

Виршли варени или печени

2 пара виршли

Виршлите обарете ги или исечете ги на кругчиња и печете ги во тефлон без маснотија.

Рендано јаболко, со лимон и цимет

3 јаболки, сок од 1 лимон, 1 лажичка вештачки течен шеќер (што би рекле сега – Натрен), ¼ лажичка цимет

Излупете ги и изрендајте ги јаболките. Додадете го сокот од лимонот и вештачкиот шеќер. Помешајте. Истурете го врз нив циметот.

* и рецептиве за слабеење во книгата се илустрирани со колор фотографии...

5 јануари 2011 - 00:00