Расипаниот заб што ги прослави „Секс пистолс“

Една телевизиска емисија во живо од 1976 се претворила во скандал што ќе го одбележи почетокот на панк-револуцијата во британската поп-култура. „Секс пистолс“ требало да бидат само замена за откажаниот настап на „Квин“, но нивните пцовки и судирот со водителот Бил Гранди предизвикале медиумска бура. А сè почнало, наводно, со забоболка на Фреди Меркјури.

На 1 декември 1976 година, британското ТВ шоу „Тудеј“, кое се емитувала во живо во терминот пред вечерните вести, требало да ја угости групата „Квин“. Наместо Фреди Меркјури и неговите колеги, пред камерите се појавиле „Секс пистолс“ – панк-бендот кој за само неколку минути ќе предизвика еден од најголемите телевизиски скандали во британската поп-култура. Според најпознатата верзија на приказната, „Квин“ го откажале настапот затоа што Меркјури морал да оди на забар (патем, како што се истакнува, прв пат во 15 години), па нивната дискографска куќа ЕМИ во последен момент предложила замена. 

„Секс пистолс“ воопшто не биле воодушевени од поканата. Во тој период се подготвувале за турнеја, а во студиото заминале дури откако нивниот менаџер Малколм Мекларен им се заканил дека ќе им ги стопира неделните плати. Публицистот Ерик Хол, кој наводно ја предложил замената, подоцна раскажал дека за да ги убеди да дојдат им обезбедил лимузина, шампањ и пиво – комбинација што не придонела за нивната воздржаност пред камерите. Настапот требало да трае само 90 секунди, но водителот Бил Гранди брзо ја претворил емисијата во вербален судир. Откако ги прашал колку пари добиле од дискографската куќа, гитаристот Стив Џонс му одговорил со пцовка. Кога Гранди ѝ се обратил на Сјукси Сју која исто така била во студиото (ја памтиме од панк-бендот Сјукси енд тхе Беншис, тогаш имала 19 години), со сугестивна забелешка дека ќе се видат подоцна, Џонс го нарекол „валкан старец“. Водителот го предизвикал да каже нешто уште поскандалозно, а Џонс ја искористил можноста да продолжи со серија %#!“*.

Емисијата се емитувала само во лондонскиот регион, но следното утро скандалот веќе бил на насловната страница на „Дејли мирор“, под наслов „Гнасотија и бес!“. Телевизијата била преплавена со поплаки, а еден гледач дури тврдел дека го искршил екранот на својот нов телевизор. Гранди бил суспендиран на две недели, а директорот на програмата го нарекол настапот „голема грешка во проценката“. Водителот, пак, инсистирал дека токму тоа сакал да го докаже: дека „Секс пистолс“ се група невоспитани и вулгарни типови.

Последиците биле брзи. Веќе следниот ден почнале да се откажуваат концертите од турнејата, а од вкупно 19 закажани настапи, биле откажани 13. Скандалот погодил и други музичари: Лу Рид подоцна раскажал дека еден лондонски клуб ги откажал неговите настапи затоа што го ставиле во ист кош со панкерите. Истовремено, медиумското внимание ја зголемило продажбата на Anarchy in the U.K. – денот по емисијата биле продадени 1.800 примероци. Сепак, на почетокот на јануари 1977 година, ЕМИ го раскинала договорот со бендот, образложувајќи дека поради негативниот публицитет не може да ја промовира неговата музика.

За Бил Гранди, оваа емисија била пресвртница од сосема поинаков вид: никогаш повеќе не водел телевизиска програма во ударен термин. „Секс пистолс“, пак, продолжиле со кариерата, а нивниот прв албум го снимале во истото лондонско студио во кое, сосема случајно, следното лето „Квин“ работеле на News of the World. 

извор

19 ноември 2026 - 08:36