Букбокс гледаше во Фино кино: „Кокошка“ (2025)

Спилберг има филм, „Воениот коњ“, во кој ја доживеавме Првата светска војна низ неговите питоми очи. Па има турски документарец, „Кеди“, за уличните мачки на Инстанбул, во кој градот е прикажан преку нивните движења и (нели) 9-те животи. Во 2022 Јержи Сколимовски имаше филм кој ја доби наградата од жирито во Кан за „И-О“, кој зборува за човечката суровост и добрина низ животот на едно „обично“ магаре. Во грчко-германско-унгарската продукција на „Кокошка“ на режисерот Ѓерг Палфи прв пат филмски го видовме светот низ очите на едно пердувесто животно. 

Приказната на Кота (на грчки - кокошка) започнува на индустриска фарма за одгледување кокошки, која и покрај својата чистота и организираност (или токму поради нив), веднаш асоцира на она што се случува со овие слатки пилиња подоцна - кога завршуваат како поховани пилешки прсти. Сите пилиња се жолти, само Кота е црна, што е причина зошто превозникот одлучува да ја задржи и да ја однесе дома, за супа („газдата нема да прими ваква“ - можеби заради некое суеверие?). Но на бензинска пумпа кокошката успева да избега од возачката кабина, за потоа да се најде во близина на пропаднат грчки ресторан. Таму нејзиниот и-не-толку-едноставен живот се испреплетува со оној на неговиот сопственик Јоргос, неговата ќерка и внучката, но и со криминалното надземје на грчкиот остров. Така, она што на почетокот изгледа како комедија за животните авантури на една кокошка постепено се претвора во приказна за „кокошкиниот“ мозок на луѓето. „Знаев дека нема да имаат проблем да се јадат меѓу себе“, вели еден таков примерок кога кокошката со задоволство го клука фрлениот пилешки ражнич. Всушност, човекот зборува за себе и својот однос кон другите луѓе. 

Најнеобичниот дел од продукцијата е самата кокошка, бидејќи е очигледно дека не станува збор за ВИ или за компјутерска манипулација. Работата станува малку појасна (иако не и попроста) кога сфаќате дека главната улога не ја игра една, туку дури осум кокошки, чии имиња се наведени на одјавната шпица: Ести, Санди, Фери, Енци, Ети, Енике, Нора и Анет. Секоја од нив била тренирана два месеца пред снимањето, со цел да се навикне на луѓето и на филмската екипа. Но, наместо сите да се обучуваат за истите задачи, режисерот и тренерот откриле дека секоја има свои „специјалности“: една била добра во трчање, друга во клукање, трета можела долго да остане мирна пред камерата. Затоа, во зависност од сцената, се избирала најсоодветната кокошка. Снимањето било толку приспособено на животните што и човечките актери морале да чекаат додека кокошките бидат подготвени. Компјутерските ефекти биле употребени само за да се отстрани тренерот од кадарот, а во една сцена и поводникот на лисицата што ја брка кокошката.

Одлуката филмот да се снима од висина на кокошкиното око е многу повеќе од визуелен трик. Палфи смета дека ако гледачот успее да ја прифати оваа перспектива во првите петнаесет-дваесет минути, постепено почнува да се идентификува со животното, додека луѓето околу него изгледаат како некакви семоќни суштества. Така, секојдневните човечки постапки добиваат поинаква тежина: она што за нас е обична одлука или ситен интерес, за животното може да значи живот или смрт. Филмот не ѝ припишува на кокошката човечки мисли и морални ставови, ниту се обидува да ја претвори во животинска верзија на човек. Напротив, режисерот инсистира таа да остане кокошка – љубопитна, инстинктивна, понекогаш комична, со сопствени реакции и потреби. Нејзините први средби со петлите-фраери на имотот се пресмешни, со музичката подлога и бавните кадри потсетувајќи на романтични холивудски блокбастери (нешто како „Кога Кота го сретна Петко“). 

Најсилниот контраст во „Кокошка“ произлегува од паралелата меѓу беспомошноста на животните во индустриското производство и ранливоста на луѓето заробени во криминални и експлоататорски системи. Кокошката е нем сведок на свет во кој посилните располагаат со судбината на послабите, а човекот што првично изгледа како нејзин спасител постепено станува дел од насилството што го опкружува. Палфи не ја користи животинската перспектива за да ни одржи лекција за вегетаријанството или за моралната супериорност на животните. Неговата поента е посложена: животните не се идеализирани, но луѓето, за разлика од нив, имаат можност да избираат и да донесуваат морални одлуки. После филмов барем на кратко може да одбегнувате пилешки стек.

Илина, Букбокс

Фино кино е камерно, независно кино во склоп на „Лабораториум“. Програмата може да ја следите тука.

17 ноември 2026 - 09:24