Кампањата #MeToo (значи: 'И мене исто') која почна со цел да ги поддржи сите жртви на сексуално насилство - почна добро. Од секаде се јавуваа и се охрабруваа жени, сликајќи една скриена страна од општеството, каде што идиоти злоупотребувале моќ, а жртвите биле принудени да молчат. За кратко време, како што тоа бива на интернет, #MeToo од симбол за победа над стравовите и алатка за моќ на жените се претвори во неподнослив, раскукан, самобендисан ѕвер, кој во својот егоизам и пијанство од моќ воопшто не забележува колку лоша услуга му прави на општеството - особено на оние кои тврди дека ги штити - жените.
Неколку жени, инаку претставници на академската, креативната, правната и новинарската фела се извадени од памет од правецот во кој се движи разулавената толпа, несвесна за својата моќ.
Лајонел Шрајвер, авторка и добитничка на книжевни награди:
Загрижена сум дека го фрламе допирањето по колено во ист кош со силувањето, што прави ужасно лоша услуга не само на тие фаќачи за колено туку и на жртвите на силување. Загрижена сум што сме упорни да мешаме вистинска злоупотреба на моќ на работно место со често далечни сеќавања на мажи кои имале неуспешни – и „несакани” – обиди за пуштање. Во комплицираниот танц на додворувањето, некој мора да направи чекор, и начинот на кој некој конвенционално ќе открие дали привлечноста е обострана е да се охрабри на некој нежен физички контакт и можеби да прифати одбивање. Да бев се уште млада жена која бара партнер, немаше да сакам да живеам во свет каде што мажот би морал претходно да има потпишана согласност пред да ме бакне.
Загрижена сум дека ги прикажуваме жените како непоправливо оштетени од најмали, вообичаени додворувања и како неспособни компетентно и чувствително да се справат со вообичаени ситуации во кои мажите се привлечени сексуално од нив, а чувството не е обострано.
Загрижена сум дека самиот секс се повеќе се гледа како нешто валкано и како прекршување, форма на напад, и дека одново пакуваме еден примитивизам во прогресивна хартија за виткање. Загрижена сум дека сме на добар пат кон демонизирање, ако не и криминализирање на секоја машка страст.
Со турбо енергија од социјалните мрежи, можно е #MeToo да отиде предалеку. Наместо да ги зближи половите со подобрено меѓусебно разбирање, во опасност сме да ги оддалечиме. Да бев маж сега, ќе се заклучев во соба со намера да се задоволувам само со интернет порнографија на неодредено. Вистинските жени не би ми делувале вредни за ризикот да си ја уништам кариерата. Тоа ли сакаме?
Кристина Хоф Сомерс, автор, член на American Enterprise Institute и водител на The Factual Feminist:
#MeToo движењето се претвора во анти-машки фестивал. Една стара новинарка, Лусинда Френкс сега тврди дека ‘родовата деградација’ непоправливо ѝ наштетила на кариерата, но тешко е да се види влијанието на сексуалното малтретирање на една наградувана новинарка, која е истовремено и најмладата личност што добила Пулицер. Една писателка од Гламур опишува ‘спектар на страв’ кој ги гони сите вработени жени при секоја интеракција’.
А во реалноста: Американките – особено оние од менаџерската класа – се најслободните и најсамостојните човечки суштества на планетата. Може да налетаат на некој кретен, но генерално, не е дека им оди еднакво добро како на мажите – веќе ги надминуваат. Според едно истражување за вработување, младите жени веќе заработуваат подобро од младите мажи. Сега жените ги држат најнапредните дипломи – вклучувајќи и докторати. Каталист известува дека од 2015-та, ‘жените држат 51.5 проценти од сите менаџерски и други сродни позиции’.
Со моќта доаѓа и одговорност. Како што рече Весли Јанг, во најдобрата статија за #MeToo досега: ‘Феминистите мораат да запаметат нешто што многу добро го знаат од сопствените искуства со мажите: никој не е толку опасен за себе и за другите како личност или колектив кој има моќ без да биде свесен за тоа.’
Ванеса Де Ларги имаше одлично излагање за Хафингтон пост со наслов: Зошто сум анти-феминизам.
Натали Ротшилд, новинарка од Стокхолм:
Зошто загрижува #MeToo? Да не знае човек од каде да почне.
Би можела да дискутирам како го нормализира однесувањето на толпа, како најнегативниот аспект на интернет културата, и како ја оштетува презумпцијата на невиност.
Можам да спомнам како инсистирањето дека мажите се соучесници во оддржувањето на ‘силувачката култура’ која се карактеризира со континуирана злоупотреба – трчање од рибарски приказни до групно силување – демонизира половина од светската популација и го релативизира, односно тривијализира сексуалното насилство.
Би можела да расправам дека е отров за односите меѓу половите, претворајќи ги секојдневните интеракции во социјално минско поле.
Би можела да се фоксуирам на сензорниот импулс зад #MeToo. Од ‘разобличени’ славни личности и нивната работа светот се откажува како за дегенерици и избришани, што доста потсетува на ‘неприфатливиот материјал’ кој се фрлаше во мемориската дупка во 1984 на Орвел.
Можам да дискутирам и како #MeToo означува враќање кон пуританизмот и оживување на викторијанското гледање на жените како потенцијални жртви на сексуален напад, и според тоа – дека им е потребно штитење.
Но можеби највознемирувачкиот елемент на #MeToo е дека е трансформиран во еден вид натпревар на признанија. Колку е погрозно сведоштвото на жената, толку повеќе симпатии ќе добие од онлајн-сестринството.
Венди Каминер, адвокатка, авторка и поранешен член на националниот одбор на Американската унија за граѓански слободи:
Разумните луѓе прават разлики – меѓу рака на колено и рака под сукња, меѓу сексуален напад од страна на претпоставен и допир за задникот од некој лик во бар – баш како што знаат да направат разлика меѓу џепчија и провалник дома. #MeToo-измот ги осудува тие дистинкции како одраз на силувачката култура. Во најдобар случај, кога правиме разлика меѓу ‘сексуален напад, сексуално малтретирање, и несакан допир’ веќе ни е погрешен разговорот’, објаснува демократската сенаторка Кирстен Гилибренд, која веќе се подготвува да се кандидира за претседател како самопрогласен одмаздник за сите самопрогласени женски жртви.
Оваа опасна глупост им прави лоша услуга на жените – не сме сите истрауматизирани од секоја будала што ќе нè допре – и ќе ни го доведе до прашање правото на еднаквост.
Џулија Хартли-Бруер, новинар и радиоводител:
#MeToo кампањата е многу загрижувачка и може да го постигне спротивното од она што се преправа дека го сака. Хаштагот се тврди дека е за давање моќ на жените да зборуваат на глас, кога всушност се работи за претворање на жените во постојани жртви. Жените кои се справуваат со сексуално малтретирање и молчат за тоа со години, штитејќи ги напаѓачите се хероини, и силни, моќни феминистки. А бизарно е што, жените кои ќе прозборат, а се справиле со сексуално малтретирање и избрале среќно да продолжат со животот како јас и милиони други жени низ годините одеднаш ‘обвинуваат жртви’, па дури и ‘оправдуваат силување’. Како да значи дека една жена е ‘вистинскиот вид на жена’ само ако има волја да игра жртва.
Феминизмот не требаше да биде за ова. Требаше да биде за моќта на жените, не за нивно инфантилизирање. Сега било која жена може да покаже кон било кој маж и да тврди што сака за нешто што можеби се случило, а можеби и не, пред 10 или 20 години. Тоа обвинување, без разлика дали има доказ за да го потврди или не, е доволно да ја уништи репутацијата, кариерата, па дури и животот на еден маж. Гледаме во крајот на принципите на природната правда, невиност додека не се докаже спротивното и фер судења.
Да не ве лаже ѓаволот – ова е лов на вештерки и ќе настрадаат сите невини мажи кои по грешка ги дофатила мрежата на #MeToo.
Писателот Кинглис Ејмис велеше: „Жените се проблем – држете ги надвор од сите институции.” Беше мизогинист, но ваквите работи ќе се вратат ако жените се претставуваат како толку нежни што не можат да се справат со малите промени во секојдневниот живот со здрав разум.
-Мери Кени, новинар и автор на Am I a Feminist? Are You?
Клер Берлински, писателка и новинарка:
Движењето #MeToo донесе обвинувања за многу сериозни сексуални престапи и покажува колку им е на жените преку глава. Ова е здраво, до одредена граница. Но ние одамна ја поминавме таа граница.
Сега е претворено во масовна хистерија. Мажите ги обвинуваат за претерувања кои ниедна нормална личност не би ги дефинирала како криминал. И тоа, овој криминал доаѓа со брза и страшна казна, но нема никаква јасна дефиниција и нема статут на ограничување. Ова е судски и морално апсурдно.
Злосторот, како што гледаме, може да се изврши преку збор, дело, па дури и израз на лицето. Се потпира исклучиво на тоа како жената се чувствува, или ќе се чувствува неколку децении подоцна. Но ова не се оправдува. „Време е мажите да платат” не е разумна дефиниција. Мора веднаш заедно да го исправиме ова.
”Во меѓувреме, модерниот феминизам ги игнорира најобесправените жени ширум светот кои се потчинети и малтретирани од колевка до гроб.”
-Рита Панахи, новинар и колумнист за Хералд Сан, Австралија
Од овие причини, новинарката Ела Велан тврди дека ни е потребен нов хаштаг: #NotMe.