Човекот е британскиот политичар Демијан Грин, а неговата наводна жртва е театарската критичарка Кејт Молтби. Молтби го обвини Грин во една колумна за Тајмс - нејзиното обвинување се состои од „едно проаѓање со раката преку колено, толку лесно и кратко, што не си ни сигурен,” и порака од Грин со содржина:
„Одамна се немавме видено. Но со оглед на тоа колку бев восхитен кога те видов во корсет во мојот омилен таблоид, морам да те прашам дали си расположена за пијачка некогаш?”
Лесно е да се изнасмее човек на ова безвезно обвинување. Но оваа паника од сексуални штеточини не е веќе за смеење. Како резултат на опортунистичкото обвинување на Молтби и нејзиниот обид да биде дел од движењето #MeToo („И мене исто” )на популарните фаци, Грин е под државна истрага. Тој даде изјава дека е скроз шокиран и дека ова обвинување навистина го повредува, особено што доаѓа од жена што ја сметал за пријателка. Но дури и да е вистина, чија работа е што некој маж поканил жена на пијачка и необавезно, „толку лесно и кратко што не си ни сигурен” ја допрел за коленото?!
Можеби треба да ѝ се заблагодариме на Молтби. Нејзината глад за внимание може да донесе еден позитивен резултат. Таа ненамерно разоткри колку стана истовремено и опасна и смешна хистеријата #MeToo. Обвинувањето на Молтби доаѓа после многуте тврдења под овој хаштаг на Твитер, од кои некои се граничат со претерување и самобендисани тврдења кои имаат потенцијал да уништат нечија кариера.
Оправдувањето на Молтби да го објави своето обвинување е школски пример од современиот прирачник за феминистки – тврди дека сака да „подигне свест” и да ја „промени културата”. Но сè што успеа да направи е себеси и другите жени да ги претстави како патетични саксиски цвеќиња. Дали сакаме да кажеме дека е во ред некој маж да биде под истрага заради наводна порака?
Ако Грин го направил тоа што е во тврдењето, тој не ја злоупотребил својата позиција – не и е шеф на Молтби. А и што ако е толку постар од неа? Молтби во нејзината колумна признава дека ја искористила конекцијата со Грин (семеен пријател) во нејзина корист. „Откако дојде на власт, си разменувавме многу пораки со политички трачеви. Вие не би правеле така со десната рака на Тереза Меј?” прашува таа.
Молтби додава и дека е подготвена за напади.
Е па, нека повели: доста веќе со оваа манија. Доста со #MeToo. Доста со овој наратив на жртва. Доста со мешање на наводни удварања со сексуален напад. Доста со перфидното уништување на кариери и животи само затоа што пробале да ви се пуштат.
Доста. Се претера. Ризикуваме да ги вратиме жените во свет на надзор и полициски час. Во минатото, движењата за женска слобода се бореа за слобода на жените да бидат вклучени во суровиот јавен живот. И тогаш, бил навистина суров. А сепак, со држење до себе и борба со дискриминација и сексизам, овие жени ни ја донесоа слободата што ја уживаме денес. Јас не сум идна жртва – јас сум жена. И доста ми е од овие глупости. Ни треба нов хаштаг: #NotMe.
Ела Велан е помошник уредник во Спајкд и има книга со наслов: „Што сакаат жените: Забава, слобода и крај на феминизмот”