Конечно вести за „Мумија 4“

Универзал потврди дека се подготвува четврти дел од Мумија, со што повторно се активира една од најпопуларните авантуристички франшизи од крајот на 90-тите. Покрај Фрејзер, на проектот се враќа и Рејчел Вајс, што за многумина е вистинскиот сигнал дека серијата ќе добие рестарт во духот на оригиналните филмови.

Двајцата актери за првпат играа заедно како Рик О’Конел и Евелин Карнахан во The Mummy од 1999 година, а потоа и во The Mummy Returns во 2001. Фрејзер остана во третото продолжение од 2008 година, но Вајс ја замени Марија Бело - промена што фановите никогаш целосно не ја прифатија.

Новото продолжение ќе го режира дуото Мет Бетинели-Олпин и Тајлер Гилет, познати како Radio Silence - тимот зад хорорите Ready or Not и Scream (2022). Сценариото го пишува Дејвид Когсешол (Orphan: First Kill). Филмот е уште во многу рана фаза и засега нема официјален датум на премиера.

Фрејзер, кој доживеа голем камбек во Холивуд по The Whale и освои Оскар, неодамна првпат проговори за Мумија 4 и во интервју рече дека токму овој филм е тоа што го чекал две децении.

„Третиот дел го сакам, мислам дека е добар како самостоен филм. Работевме со нов тим и дадовме сè од себе. Но филмот што навистина сакав да го направам - тој допрва доаѓа. И чекав 20 години за овој повик… Време е да им го дадеме на фановите тоа што го сакаат,“ изјави актерот.

Реакциите на интернет се очекувано бурни. Со години Мумија е култен и често прогласуван за „најбисексуален филм“, затоа што на сите им се привлечни и Фрејзер и Вајс во исто време. Многумина се надеваат и дека новиот дел ќе го надмине или дури и ќе го избрише разочарувањето што дел од публиката го имаше од третиот филм.

24 ноември 2025 - 00:00