"Што е она што Страрбакс го сфаќа а архитектите не" е насловот на нејзиниот интересен пост во кој вели:
"Јас заминав бидејќи наспроти вашата љубов за убавата линија и вашето експериментирање со формата, вие не ги разбирате луѓето. Да се поправам: Вие не ги слушате луѓето. Одговорни сте ако нешто ѝ се случи на вашата зграда но што ако некој го мрази просторот кој сте го дизајнирале? Ако некој не се чувствува удобно, или се чувствува ладно, или уплашено? Да, нема судска тужба за тоа".
Оутрам се разочарала од тоа што нејзините колеги се потпираат исклучиво врз шемите и принципите на струката и не се ни трудат да ги запознаат луѓето за кои ги дизајнираат просторите. Не ги користат ни современите алатки за комуникација, ниту пак ги интересираат етнографски студии.
Таа вели дека архитектонските проекти, колку и да се допадливи за окото, не водат сметка за вистинските потреби на луѓето.
"Проблем е што архитектурата се сведе на формален јaзик. Ве предизвикувам: разлистајте некој актуелен магазин за архитектура. Наоѓате некој човек на фотографиите? Не верувам. Ќе најдете само куп слики во кои се обожуваат опскурни агли или места каде што се спојуваат материјалите," пишува таа.
А за Старбакс од насловот: Дуќаните на Старбакс имаат тркалезни маси. Не затоа што така некому се ќефнало или дека тие биле поевтини или дека такви имало во Икеа. Тркалезни затоа што "нема празно место на тркалезна маса." А до тоа решение дошле откако ги прашале купувачите. Стотици муштерии биле прашувани што очекуваат од своето место за пиење кафе и било утврдено дека нивните желби не се поврзани со самото кафе; муштеријата барал место на кое ќе може да се опушти и на кое ќе може да му припаѓа.
И токму тука е родена стратегијата да им се пружи поддршка на оние кои своето кафе сакааат да го пијат соло, да не се чувствуваат незгодно дека се сами.
А нема празно место на тркалезна маса.
Според поранешната архитектка, до таа лекција нејзините колеги не се дојдени.