- Бенјамин Нетанјаху побара од претседателот на Израел помилување за обвиненија за поткуп и измама со што би се ставил крај на петгодишното судење за корупција. Верува дека тоа би било во „национален интерес“.
- „Канцеларијата на претседателот е свесна дека ова е вонредно барање кое носи значајни импликации“, се вели во соопштението на Исак Херцог. „По добивањето на сите релевантни мислења, претседателот одговорно и искрено ќе го разгледа барањето.“
- Претседателски помилувања во Израел речиси никогаш не се давале пред осуда, со еден битен исклучок на случајод 1986 година во кој беше вклучена безбедносната служба Шин Бет. Превентивно помилување на политичар во случај на корупција без признание на вина би било преседан и многу контроверзно.
- Пред неколку недели и Доналд Трамп му пиша на Херцог за да го замоли да го помилува Нетанјаху, кој е на судење од 2020 година по обвиненија за поткуп, измама и кршење на довербата, вклучувајќи политички услуги за богати поддржувачи во замена за подароци или позитивно медиумско известување.
- Иран формира нова дигитална платформа за осигурување „Ормуз сејф“, како ново владино тело за управување со бродскиот сообраќај низ Ормускиот проток. Платформата ќе се потпира на плаќања со криптовалути.
- Според планот на Министерството за економија, управувањето со теснецот преку рамка за осигурување би овозможило издавање на разни полиси за поморско осигурување, како и сертификати за финансиска одговорност, наместо да се наплаќа „патарина“. При идеални околности, ова би можело да генерира до 10 милијарди долари приходи за Техеран.
- Планот ќе почне со осигурување кое покрива инспекција, задржување и конфискација на бродови. Штетата од воени напади нема да биде покриена.
- „Овој модел би бил прифатлив за другите земји во мирно време, а сепак би му дозволил на Иран да врши контрола врз теснецот“, објави државната новинска агенција Фарс.
- Молдавските лидери ја осудија како „закана“ одлуката на Владимир Путин да го поедностави процесот на давање руско државјанство на жителите на регионот Придњестровие, кој се отцепи од Молдавија пред 36 години.
- Една половина од жителите на Придњестровие веќе имаат руско државјанство. Декретот на Путин објавен во петокот им овозможува на уште 350.000 луѓе да добијат руски пасоши без да го исполнат условот за постојан престој во Русија.
- „Ова е начин повторно да ни се закануваат, бидејќи на Русија не ѝ се допаѓаат нашите акции за реинтеграција. Веројатно им требаат повеќе луѓе за да испратат во војната во Украина“, изјави молдавската претседателка Маја Санду.
- Рускиот амбасадор во Кишињев, Олег Озеров, изјави дека потегот е од хуманитарни причини, во согласност со меѓународното право, поради „зголемениот притисок“ од Молдавија врз Русите. Тој ги оцени реакциите како „лицемерие“, бидејќи Молдавија им дозволува на нејзини граѓани да добиваат романски пасоши.
- Придњестровие се отцепи во 1990 година, кога Молдавија сè уште беше советска република. По двегодишен судир со повеќе од 1.000 жртви, двете страни се во мир, заштитуван од контингент од 1.500 руски војници. Регионот има свои политички институции - парламент, војска, полиција и поштенски систем.