
Проблемот е во природата на инфлуенсерската економија. Некој може да има стотици илјади следбеници и да заработува шестцифрени годишни суми, а сепак да зависи речиси целосно од спонзорирани објави. Брендовите плаќаат за пристап до публиката, но нивните буџети за маркетинг се менуваат, кампањите се прекинуваат, а интересот за одредени профили може да исчезне. Исто така, алгоритмите на платформите постојано се менуваат, па содржината што вчера достигнувала стотици илјади луѓе денес може да помине речиси незабележано. Ви текнува кога почнаа Јутјубери масовно да молат да кликнеш на ѕвончето, на редовни нотификации...
Тука се открива една од основните противречности на инфлуенсерската кариера: популарноста создава впечаток на контрола, иако голем дел од неа зависи од туѓи одлуки - ни милиони следачи не гарантираат приходи, затоа што пристапот до нив не е само во рацете на креаторот. Публиката може да биде голема, но ако не е доволно ангажирана или не одговара на потребите на огласувачите, нејзината комерцијална вредност е ограничена.
Затоа, одржливата кариера на социјалните мрежи бара нешто повеќе од редовно објавување содржини и склучување договори со брендови. Треба да мислиш на диверзификација на приходите: сопствени производи, претплати, дигитални изданија, партнерски продажби или услуги што не зависат исклучиво од спонзорствата. Па да градиш однос со публиката - канали како билтени и сопствени платформи, кои овозможуваат контакт што не зависи целосно од алгоритмите.
И на крај, и ова може да не е решение: Сопствениот производ бара инвестиции, организација, маркетинг и време, а не секој инфлуенсер има публика подготвена да стане и клиент. Повеќе извори на приходи не значат автоматски и поголема заработка, особено кога растат трошоците за вработени, производство и промоција.
И една работа на која што треба да обрнеме внимание: враќањето на работа не мора да биде знак за неуспех. Обичното вработување може да понуди поредовни приходи, здравствено и пензиско осигурување, тимска работа и појасна граница меѓу професионалниот и приватниот живот. За некого, тоа е попривлечна перспектива од постојаната потреба да биде видлив, интересен и релевантен пред публика.