Совети од женети мажи што ич не се за фрлање

Лесно е да се замисли брачниот живот кога сте вљубени, на одмор или кога планирате свадба. Малку потешко е да се замисли како ќе изгледа еден обичен вторник, десет години подоцна, кога и двајцата сте уморни, треба да се пазари, а некој треба и да измие садови.

На Редит се отвора дискусија во која оженети мажи споделуваат совети за бракот што сметаат дека помладите, неженети мажи можеби не се спремни да ги слушнат. Некои се во брак по триесет години, други се разведени, а добар дел од советите, всушност, важат и за мажи и за жени.

1. Ожени се со некоја со која ќе уживаш и кога не правите апсолутно ништо. Бракот главно се состои од обични вторници, а не од романтични одмори и вечери за годишнина.

Друг корисник додава дека треба да се ожениш со некоја со која можеш да одиш и по најбанални набавки - храна, облека, храна за миленици, па во три различни продавници затоа што ви требаат нови крпи, а никаде нема такви какви што сакате. Ако не можете да го поминете тоа време заедно без проблеми, или барем да ви биде донекаде интересно, ве чекаат до(ооОо)лги години.

2. Бракот е тимски спорт во многу погледи. Ако ти или партнерката не разбирате што значи тимска работа, подобро не се ни обидувајте.

3. Советот никогаш да не си легнувате скарани е глупост. Слободно легнете си. Најчесто е подобро да преспиете. Многупати по расправија се будиме и двајцата сфаќаме дека работата воопшто не била толку сериозна. Не е секогаш можно да се среди сè пред спиење и тоа е во ред.

4. Мојот омилен професор секогаш тврдеше дека треба да се ожениш со најдобрата другарка. Физичкиот изглед се менува, страста доаѓа и си оди, но пријателството е основата на долготрајниот брак.

5. Рамноправноста во бракот постои како идеал. Дури и ако во одреден момент придонесуваш повеќе финансиски, повеќе работиш по дома или повеќе се грижиш за децата, не води евиденција. Тоа никако нема да ви го подобри односот, само ќе создаде огорченост.

Како што додава друг корисник, поделбата 50-50 е мит. Некогаш е 60-40, некогаш 85-15, а некогаш и 99-1. Некогаш ти ќе бидеш тој што придонесува повеќе, некогаш партнерката.

6. Луѓето се менуваат со текот на времето и двајцата треба да бидете спремни повеќепати да се вљубите во поинаква личност за да останете среќни во бракот.

Во брак сум 22 години. Ја запознав жена ми кога бев млад и се имам вљубено во неа неколкупати. Најдобра другарка, љубовница, сѐ.

 Во бракот има периоди на длабоко пријателство со помалку страст, по кои повторно доаѓаат периоди на вљубеност. Треба да имате малку доверба во тој процес, наместо веднаш да мислите дека на друго место би ви било подобро.

7. Некогаш нема да ти се вложува труд во врската, ама ќе мораш. Ако не го правиш тоа, ќе заглавиш во циклус без љубов од кој ќе ти биде сè потешко да излезеш.

8. Ова не е совет само за мажи: Добро запознајте се со тоа како пораснал партнерот и каков однос има со родителите, браќата и сестрите. Запознајте ги и обрнете внимание на конфликтите меѓу нив. Ако има повеќе драма отколку што сметате дека е нормално, бидете внимателни, дури и ако партнерот е прекрасен кога не е во нивно друштво. Три четвртини од расправиите со жена ми на некој начин се поврзани со ова.

9. Најтешкото нешто што сум морал да го направам како оженет маж е да се вратам од работа во три часот наутро, да ја разбудам жена ми и да ѝ кажам дека брат ѝ, кого неизмерно го сакаше, ненадејно починал. Никој не те подготвува за такво нешто. Возев помалку од еден километар, а тоа истовремено беше најдолгото и најкраткото возење во мојот живот. Чиста агонија. Ќе мораш да ѝ бидеш потпора кога ќе ѝ требаш, но ако си ја избрал вистинската личност, и таа ќе ти биде потпора кога ќе ти треба.

10. Кога е вознемирена и ти се жали за нешто, не се обидувај веднаш да го решиш проблемот. Не бара решение, сака да ја сослушаш и да покажеш дека разбираш како се чувствува.

Еден од корисниците има практично решение за ова:

„Почнав да прашувам: Гушкање или решение? Многу помага.“

11. Кога ќе стапиш во брак, губиш добар дел од автономијата и независноста. Не дека жена ти ќе те контролира и дека за сè ќе треба да бараш дозвола од неа. Мислам дека скоро при секоја одлука што ја носиш треба да ја земеш и неа предвид. Секогаш ме изненадува колку малку мажи го разбираат ова.

Друг додава дека кога луѓето ќе слушнат „морам да ја прашам жена ми“, веднаш замислуваат жена што го држи мажот на поводник. А всушност, животите ви се толку испреплетени што е непрактично да не се консултирате за повеќето планови и одлуки.

12. Викај фала. Едно обично ‘фала што готвеше вечерва’ покажува дека го забележуваш трудот што го вложува партнерката. И чувството дека некој те зема здраво за готово создава огорченост.

13. Кога се жениш со некого, се жениш и со неговото семејство. Кој знае, знае.

14. Кога бев помлад, им се смеев на мажите што не сакаа да се расправаат со жените затоа што не вредело да ги боли глава. По 22 години брак, конечно ги разбирам. Не значи дека не треба да се залагаш за себе, ама ситниците навистина не се важни. Користи го правилото на десетките: ќе бидеш ли лут за ова за десет минути? За десет дена? За десет години? Ако одговорот на последното прашање е да, тогаш има причина за сериозна расправија.

15. Не плаши се да поставуваш дополнителни прашања, со добра намера. Никој од вас не знае да чита мисли. Не очекувај партнерката да знае на што мислиш или што ти треба во даден момент. Прашај и научи да ги препознаваш сигналите.

Со среќа.

30 ноември 2026 - 00:00