Психологијата на замислената публика:

И вие ли си измислувате ситуации во кои треба да се правдате?

Дали ви се случило додека се занимавате со нешто сосема обично, одеднаш да почнете да водите разговор со човек што „не е присутен со нас во собата“, ама не како да ви треба психијатар, туку за да се оправдате, да објасните некоја одлука? Како однапред спремање одговор и објаснување на сè уште некажана критика, што може нема ни да се каже.

Овие замислени разговори можат да бидат изненадувачки детални, а понекогаш и емоционално исцрпувачки.

Во психологијата постои концепт на „замислена публика“ (imaginary audience), кој првично бил развиен за да ја објасни зголемената самосвесност кај адолесцентите. Психологот Дејвид Елкинд го користел за да ја опише склоноста на младите да веруваат дека другите постојано го забележуваат и оценуваат нивното однесување. Иако концептот првенствено се однесува на адолесценцијата, слични искуства можат да се препознаат и кај возрасните, особено во контекст на стравот од туѓо оценување и постојаното преиспитување на сопствените постапки.

Возрасните, се разбира, обично знаат дека не се во центарот на вниманието на другите, но тоа не ги спречува да замислуваат како нивните одлуки би можеле да бидат протолкувани. Промената на работното место, одлуката да не се стапи во брак, начинот на трошење пари или поставувањето граници во пријателствата можат да станат предмет на долги внатрешни расправии.

Оваа навика делумно произлегува од нашата потреба за социјално прифаќање. Луѓето се чувствителни на тоа како ги доживуваат другите, а претходните искуства со критика или неодобрување можат дополнително да ја засилат потребата однапред да ги оправдуваме своите избори. Кај жените, ваквите внатрешни дијалози можат да бидат поврзани и со противречните очекувања од општеството. Од нив често се бара истовремено да бидат независни и внимателни кон другите, амбициозни и скромни, самоуверени и пријатни. Во такви напорни околности, дури и личните одлуки што влијаат исклучиво на личноста што ги носи изгледаат како нешто што треба да се објасни.

Интересно е што замислената публика понекогаш продолжува да постои и кога реалната публика одамна го изгубила своето значење - можеме со години да се правдаме пред поранешен партнер, родител што го нема, роднина со кој што не разговараме, или пријател со кој одамна имаме раскрстено, без разлика што, очигледно, нивното мислење повеќе не би требало да има вистинско влијание врз нашиот живот.

Но, добро, не секој замислен разговор е проблематичен. Внатрешното проигрување на социјални ситуации може да ни помогне да ги организираме мислите и да се подготвиме за важни разговори. Разликата е во тоа дали таквото размислување ни носи поголема јасност или нè задржува во бесконечно преиспитување.

Веројатно најкорисното прашање во тие моменти е едноставно: кому, всушност, се обидуваме да му објасниме нешто и дали таа личност воопшто побарала објаснување?

24 ноември 2026 - 11:34